1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија бара стручна работна сила од Балкан

11 декември 2016

Западниот Балкан спаѓа во регионите со кои најзасилено комуницира Централното биро за посредување во меѓународно и стручно вработување во германскиот Завод за вработување.

https://p.dw.com/p/2Tu3V
Symbolbild - Rollstuhl
Фотографија: Getty Images/AFP/J. Evrad

Одделени со паравани, маса до маса, седат жени и мажи пред компјутерите, со слушалки на главите. Наликува на класичен кол-центар, но всушност станува збор за виртуелен центар за добредојде на Централното биро за посредување во меѓународно и стручно вработување во германскиот Завод за вработување во Бон, ЗАВ. Овде се врши телефонско советување за добивање работа, на германски и англиски, а по потреба и на албански, романски или други јазици. „Јас сум Србинка, имам завршено образование за медицинска сестра. Веќе зборувам малку германски, но немам официјален документ за јазичните познавања“. Или: „Јас сум Мароканец, радо би работел како возач на камион, дали се признава мојата возачка дозвола?“ Соработниците оваа година примиле 175.000 телефонски повици на баратели на работа од различни земји, на кои им поделиле совети.

Притоа, телефонската централа е само еден од одделите во ЗАВ. Во 2016 година досега соработниците обработиле и 32.200 барања стигнати преку електронска пошта и 4.000 преку текст-чет.

Германија во меѓувреме активно бара стручна работна сила во рамките на ЕУ, но зачестено и надвор од неа. Тежишен регион е и Западен Балкан, потоа Северна Африка, но во фокусот се и земји како Мексико.

Германија првенствено бара инеженери, на пример машински, но и компјутерски стручњаци, како и негуватели, луѓе од сите медицински професии. Постојат изразени регионални потреби, на пример во области во одредени покраини се бараат шпедитери или возачи на товарни моторни возила“, вели Карстен Клајн, раководител на ЗАВ.

Во информатичката бранша не е толку важно знаењето германски јазик

Покрај професионалната квалификација, која треба да се докаже преку дипломи, втора голема пречка на патот кон работно место во Германија е најчесто јазикот. Колкав степен на знаење на јазикот е потребен, зависи од одредената професија. Во ИТ-браншата е решавачко нивото на познавање на англискиот јазик, но на пример во областа на негата на болни и стари луѓе, во хотелската бранша и во угостителството, каде постои директен контакт со муштериите или пациентите, кандидатите треба да зборуваат германски толку добро за да можат да се разберат, истакнува Клајн. Кандидатите треба да се во состојба ги разберат желбите на муштериите и соодветно на тоа да можат да читаат и да пишуваат на германски јазик. 

Во посредувањето ЗАВ соработува со агенциите за вработување од партнерските земји, посебно интензивно во моментов со партнери од Западен Балкан. Неодамна во Бон беше организирана работилница за обука на вработените во агенциите за вработување од Југоисточна Европа. Постојано се вршат и билатерални посети. Токму сега во Германија е делегација од Црна Гора, која за цел има да ги усогласи процедурите на посредување работни места со германските партнери и евентуални преквалификации за заинтересираните во Црна Гора.

DW Interview David Percubic, Zentrale für Auslands- und Fachvermittlung
Давид Перчубиќ: шанси за невработените од Црна ГораФотографија: DW/A. Feilcke

„Ние организираме проекти и програми за невработените луѓе во Црна Гора кои ним би им пружиле шанса да завршат одредена обука, а потоа евентуално да најдат работно место во Германија“, вели заменикот директор на црногорската Агенција за вработување, Давид Перчубиќ. Обуката за германскиот пазар на труд по правило трае две до три години. Потенцијалните кандидати треба да знаат германски јазик, барем на степен А1 или А2.

Придонесува ли Германија за „бреин дреин“?

Клајн ја отфрла можноста за германски придонес во т.н. „бреин дреин“ со тоа што Германија може да ги придобие најдобрите стручњаци од партнерските земји: „За нас, како и за останатите европски земји, генерално важи тоа што ние не го претпочитаме само еднонасочниот пат, туку на луѓето им даваме шанса за професионална ориентација во Германија, за професионално усовршување и потоа враќање на домашните пазари со стекнатото искуство. Тоа е наша суштинска цел, затоа интензивно работиме со трудовите организации од секоја земја посебно.“ 

Перчубиќ дополнува, од црногорска перспектива: „Проектите на кои моментно работиме се создадени првенствено поради високата невработеност во Црна Гора. На овој начин сакаме максимално да ги искористиме нашите ресурси ида ја легализираме економската миграција.“

Така, посредувањето работа за стручњаци од странство се чини е од интерес за двете страни. Растечкиот број пријави во ЗАВ покажува зголемување на потребите. Телефонската итна линија, текст-четовите и скајп контактите се достапни од понеделник до петок, а преку електронска пошта заинтересираните можат да се обратат во секое време од денот и ноќта. Заинтересираните кај ЗАВ можат да најдат квалификувани совети, и конкртени укажувања околу идните чекори во постапката за барање работно место, а потоа и околу цените на кириите, прашања поврзани со платите и давачките од нив па до осигурување, односно работење и живеење во Германија. Маркетиншкото ветување „"Make it in Germany!" може да биде успешно само ако биде реалистично од самиот почеток и ако отворено се информира за шансите и тешкотиите, со давање совети.