1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија во бројки

15 април 2010

Изборот на Лицата на Германија не е случаен. Луѓето што ги портретираме ги избравме според статистички критериуми. Ви нудиме одредени податоци:

https://p.dw.com/p/MwqK

Во Германија во 2008 година, според Сојузниот завод за статистика, живееја 82 милиона луѓе. Поголемиот дел се жени – 42 милиона. Најголемиот дел од населението има германски пасош: речиси 75 милиони. Околу една петтина од нив има т.н. мигрантско потекло, што значи дека тие самите, или нивните родители, или баби и дедовци се доселиле во Германија од некоја друга земја. Помалку од 10 проценти од населението во Германија се граѓани кои немаат германско државјанство.

Се‘ помалку деца

Од околу 43 милиони работоспособни луѓе, приближно 10% се самостојни претприемачи, а околу 36 милиони луѓе се вработени во некоја фирма. Најмногу вработени има во секторот на услужни дејности, потоа следуваат производните дејности, вклучително и градежништвото. На трето место е „мајката држава“: 4,5 милиони луѓе работат во јавниот сектор. Без работа во 2009 година во просек беа 3,4 милиони луѓе.

28 милиони граѓани постари од 15 години завршиле т.н. хауптшуле (деветгодишно школување), 20 милиони луѓе имаат средно образование од понизок степен. 26 милиони луѓе имаат матура, додека повеќе од 8,5 милиони луѓе завршиле виша школа или факултет.

Според старосната структура, речиси три четвртини од граѓаните - околу 61 милион луѓе - се постари од 25 години. Колку помлади, толку поретки - Германија има се‘ помалку деца: одвај четири милиони од жителите се помлади од шест години.

Многу место, малку место

Мнозинство, 46 милиони луѓе, не се во брак - не стапиле во брачна заедница или се разведени. Приближно еднаков е бројот на католици и евангелисти – 25,7 спрема 25,1 милиони. Според проценките, околу 4,3 милиони граѓани се муслимани.

Мерено според површината, најголеми германски покраини се Баварија, Долна Саксонија и Баден Виртемберг. Ако се појде од бројот на населението, тогаш води Северна Рајна Вестфалија. Друга слика, пак, дава густината на населеноста – во главниот град Берлин на еден квадратен километар живеат 3.800 луѓе. Најмногу простор за живеење има во Мекленбург Предна Померанија, каде на еден квадратен километар има само 72 граѓани.

Автор: Биргит Герц

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска