1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија, во потрага по селектор

6 јули 2004

Германската фудбалска федерација, на вчерашната итна средба, не успеа да пронајде конкретно решение за селекторската позиција, по оставката на Руди Фелер. Европските шампиони, репрезентацијата на Грција, вчеравечер, се вратија дома како херои пречекани од илјадници навивачи

https://p.dw.com/p/Aemx
Кој ќе ги предводи до СП 2006?
Кој ќе ги предводи до СП 2006?Фотографија: AP

Германската фудбалска федерација, вчеравечер, формира четворочлен комитет, на чело со Франц Бекенбауер, кој треба да го најде вистинскиот кандидат за селекторското место, откако по неуспехот на ЕП, Руди Фелер поднесе оставка.

Отмар Хицвилд, кој во мај доби отказ од тренерската функција во минхенски Баерн, заради приватни работи, не ја прифати понудата да застане на чело на тимот, кој треба да се подготвува за претстојното СП во 2006 во Германија.

Јунакот на ЕП , Ото Рехагел, германските медиуми веќе го повикаа да се врати дома. Дневниот весник Билд, на насловната страница, објави голема слика на тренерот на европските шампиони, насловена како ,Кралот на Европа. Портпаролот на германскиот фудбалски сојуз, Харалд Штенгер, отфрла секаква можност за какви било притисоци:

“Мислам дека последниве денови од повеќе учесници во процесот беше јасно ставено до знаење дека нема да дозволиме да бидеме ставен под притисок, во никаков, па ни во временски смисол"

Претседателот на грчката фудбалска федерација, веќе изјави дека Ото, останува тренер на Грција до 2006 и за тоа нема никаква дискусија.

Во игра за наследник на Фелер, влегува и Лотар Матеус кој во моментов е тренер на Унгарија. Тој можеби и би прифатил, но има скромно тренерско искуство. Според шефот на германскиот фудбалски сојуз, Герхард Маер Форфелдер, за имиња е рано да се зборува

“Јас лично сметам, дека имиња може да се објавуваат дури тогаш ,кога ќе најдеме кандидат околу кој ќе постигнеме согласност и кога ќе добиеме негова согласност, да се зафати со оваа задача"

Шпекулациите отидоа дотаму, што веќе се зборува, дека Германија е можно да ангажира странски тренер. Во оптек е ставено името на Гус Хидинк од ПСВ Ајндховен, кој во 1988 и 2002 година со Холандија и Северна Кореа, стигна до полуфиналните мечеви, како и Данскиот селектор Мортен Олсен.

Европските шампиони, како херои беа пречекани од страна на илјадници навивачи, кои долго ја прославуваа титулата. Навивачите своите миленици ги пречекаа, на Олимпискиот стадион во Атина.

Шампионите ги пречека грчкиот министер за спорт, Јоргос Офранос со зборовите, ви благодарам што го остваривте нашиот сон, не направивте горди.

Популарниот Ото, не ја криеше својата радост:

“Станавме европски прваци. Тоа не е сон. Навистина го донесовме трофејот во Грција“

Техничката комисија на УЕФА, за најдобар играч на првенството го прогласи капитенот на Грците, Теодорос Загоракис. Стрелецот на голот во финалниот меч, Каристеас, од матичниот клуб, шампионот на Бундеслигата Вердер од Бремен на поклон доби продолжен одмор.

Португалскиот претседател, Хорге Сампајо, со солзи во очите на репрезентативците и тренерот Луис Фелипе Сколари им додели Ордени за храброст, прогласувајќи ги за херои за пласманот во финалето на ЕП.