1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија во шок: не знаеме што не очекува со Трамп

БГ
9 ноември 2016

Германските политичари утрово изразуваат шокираност од сѐ поизвесната победа на Доналд Трамп на претседателските избори во САД. Светот влегува во фаза на голема неизвесност

https://p.dw.com/p/2SOCt
Ursual von der Leyen
Фотографија: picture-alliance/dpa/R. Jensen

Висок функционер на германската конзервативна партија на канцеларката Ангела Меркел изјави дека владата во Берлин е несигурна што ќе стори Доналд Трамп по победата на претседателските избори во САД.

„Сега сфаќаме дека немам поим што ќе стори овој американски претседател доколку гласот на бесот ја добие функцијата и доколку гласот на бесот стане најмоќниот човек на светот“, изјави Норберт Ретген, член на ЦДУ и претседавач на парламентарниот комитет за надворешна политика.

„Геополитички се наоѓаме во многу несигурна состојба“, додава тој.

Германската министерка за одбрана Урсула фон дер Лајен (на насловната фотографија) за државната телевизија изјави дека неочекуваната победа на Трамп е „голем шок“.

„Се надевам дека Трамп е свесен оти ова не беше глас за него, туку повеќе глас против Вашингтон, против естаблишментот“, рече фон дер Лајен.

Министерката очекува дека Трамп ќе врши притисок за поголем германски ангажман во рамките на НАТО. „На тоа ние ќе одговориме со прашање: а каков е вашиот став за Алијансата?“

Фон дер Лајен вели дека без разлика на исходот од изборите во САД, Европа ќе мора повеќе да се ангажира во безбедносната политика.

Како проблематичен, таа го оценува и фактот што никој не знае ништо за можната надворешна политика на Трамп, ниту кои луѓе ќе ја предводат во неговиот кабинет. „Се наоѓаме во фаза на вакум. Зад кулисите ќе се обидуваме на сите начини да дознаеме кој воопшто е нашиот партнер за разговор“, рече фон дер Лајен.