1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Татковината е таму каде што си сит“

Еркан Арикан
9 октомври 2021

Турската заедница во Германија на свеченост со германскиот претседател деновиве одбележа 60 години од Договорот за привлекување работна сила помеѓу Германија и Турција. Еркан Арикан дава многу личен поглед на нештата.

https://p.dw.com/p/41KV6
Bundespräsident Steinmeier besucht das Ruhrgebiet
Конечно и државниот врв се интересира за луѓето кои долго беа нарекувани само „гастарбајтери“Фотографија: Roland Weihrauch/dpa/picture alliance

Има манифестации на кои новинарот е присутен само затоа што мора за нив да известува. Но, во случајот на оваа свеченост за мене не беше така. Зашто Договорот за привлекување рбаотна сила помеѓу Германија и Турција е дел и од мојата приказна.

Кога татко ми во 1969 година дошол во Германија како гастарбајтер, нѐ оставил мене - во тоа време шестмесечно бебе - и мајка ми во својата татковина. Сакал да работи само неколку години, да заработи доволно пари и потоа да се врати во својата татковина. Но, сѐ се случува поинаку. Без семејството не одело, па така јас и мајка ми во Берлин сме стигнале на 18 април 1970 година. Тој град станува мојот дом.

„Побаравме работна сила, дојдоа луѓе“

Градинка, училиште, студии - сето тоа го поминав успешно, зашто никогаш не ја заборавив важната порака на татко ми: „Мора да работиш двојно повеќе од Германците!“, гласеа неговите зборови. Да, работев напорно. И, да, за својот успех морав секогаш да се правдам пред германското мнозинско население, па дури и да се бранам. Но, не, и покрај родителите кои денес би ги вброиле во „необразувани слоеви“, не израснав во паралелен свет. Добив препорака за гимназија и немам т.н. „гето-минато“. Да, можеби имав и особена среќа со моите наставници, кои ме третираа исто како и германските соученици.

Erkan Arikan Kommentarbild App
Еркан Арикан, уредник на редакцијата на турски јазик на ДВФотографија: DW/B. Scheid

„Побаравме работна сила, дојдоа луѓе“ - оваа позната реченица на исто така познатиот Макс Фриш од 1965 година го погаѓа нервот. Оваа реченица ја цитираше и Сојузниот претседател во текот на својот говор на свеченоста и укажа дека Фриш уште тогаш сфатил дека политиката на вработување во 1060-тите и 1970-тите била кусогледа.

Нѐ нарекуваа гости, но јас и моите родители им станавме соседи. Оваа 60-годишнина би требало пред сѐ да потсети на онаа прва генерација луѓе кои оваа земја ја претворија во своја татковина. Една турска поговорка вели: „Татковината не е онаму каде што си роден, туку онаму каде што ќе бидеш сит.“ А, тоа е Германија.

„Маргинална белешка не е доволна за опис на вашиот придонес за нашата земја“

Имаше еден момент во говорот на Сојузниот претседател, кога, мора да признаам, ми се насолзија очите. Штајнмајер рече дека „приказните на гастарбајтерите заслужуваат соодветен простор во нашите учебници и нашата култура на сеќавање, маргинална белешка не е доволна за опис на вашиот придонес за нашата земја. Кога вашите приказни ќе ги раскажуваме како интегрален дел од историјата на оваа Република, оваа земја, дури тогаш ќе ја разбереме целата наша историја.“ Колку е во право!

Додека го пишувам ова, мислам на татко ми и мајка ми, кои исто како и нивните германски колеги морале да ја исполнат својата норма во Сименс. Да, моите родители не смеат да станат маргинална белешка. Моите родители и сите гастарбајтери, сеедно дали од Турција, Италија, поранешна Југославија, Грција, Шпанија, Португалија, Виетнам или Ангола - сите тие се дел од германската историја. Сите тие имаат свој придонес за тоа Германија да стане онаква каква што е денес - силна, шаренолика, извонредна. Сите тие треба да имаат место во учебниците на оваа земја. Токму затоа оваа свеченост беше толку важна - за трајно да нѐ потсетува на она што луѓето како моите родители го направиле за оваа земја.

„Заземете место во центарот и пополнете го!“

Втората, третата и во меѓувреме четвртата генерацијагастарбајтери се родени во поголем дел во Германија. И покрај тоа, многумина сѐ уште мора да се докажуваат. Сѐ уште им се дава чувство дека овде не се добредојдени. Овие времиња мора да станат минато. Тоа би морале да го сфатат конечно и оние кои вечно живеат во минатото. Ние сме овде и ќе останеме овде. Ќе останеме за оваа земја, која е и наша татковина, да ја направиме подобра.

Јас го имам своето место во центарот и, како што побара претседателот Штајнмајер, ќе го пополнувам и натаму. Сите ние ќе го обликуваме ова општество, зашто тоа е и наше општество. Ние припаѓаме овде. Исто како и сите останати чии родители и баби и дедовци дошле во Германија како работници.