1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија е на врвот според даночниот товар на граѓаните

18 јули 2007

Од почетокот на годинава товарот на вработените со даноци и социјални давачки толку порасна, што таканаречениот „Спомен ден на даночните обврзници„ во споредба со минатата година се случува осум дена подоцна.

https://p.dw.com/p/BGKM
Се помалку евра во џебовите на граѓанитеФотографија: EZB

Според статистичкиот просек, финансиските служби и социјалните осигурувања, до четврток ги собираат сите приходи на населението. Дури од петок, приходите и добивките им припаѓаат исклучиво на вработените и фирмите. Сојузот на даночните обврзници бара намалување на товарот со пониски даноци на приходите.

Во минатата година вработените и фирмите само во петочниот ден од неделата можеа да стопанисуваат за сопствениот џеб. Причина: од приходите државата во минатата година земаше 51 цент за себе, а во оваа 53. Или поинаку речено: на вработениот или на фирмата од едно заработено евро им остануваат 47 центи, а лани 49. Причина за тоа, според сојузот на даночните обврзници, е фактот што од почетокот на годинава започна „најголемото зголемување на даноците на сите времиња„. И притоа, не станува збор само за зголемувањето на данокот на додадена вредност за три поени – од 16 на 19 проценти – или покачувањето на данокот за осигурување, туку се укинати некои од поволностите при плаќањето данок. Краен резултат: товарот врз даночните обврзници многу порасна. Претседателот на сојузот, Карл Хајнц Деке:

„Посебно ме лути тоа што граѓанинот плаќа толку многу пари во касата на државата, а таа сепак не излегува на крај со нив, што и годинава е многу јасно видливо. Даночните приходи експлодираат, а сепак државата натаму се задолжува. Сојузниот буџет се зголеми за 4,7 проценти и сето тоа мора да го плати граѓанинот. И тоа е единственото што остана да го симболизира ’спомен денот на даночните обврзници’„.

Деке бара осетно намалување на даноците на приход, според мотото: „ниско – едноставно – праведно„. За ова барање ја има и поддршката од науката. Така, Томас Штраубхар, претседател на Економскиот институт во Хамбург, вели дека во касите на државата има доволно пари што им припаѓаат на граѓаните. Со голема даночна реформа државата треба тие пари да им ги врати. Денис Сновер, претседател на институтот за стопанство во Кил, бара намалување на даноците што би било финансирано со намалување на трошоците на државата. За претседателот на сојузот на даночните обврзници Деке сосем е јасно:

„Мора да се провери секоја позиција во персоналните трошоци, субвенциите, финансиската помош и така натаму, за да се намалат неколку милијарди од буџетот„.

Сојзуот на даночните обврзници пресметал дека при меѓународна споредба, Германија, поради товарот на приходите на вработените со даноци и социјална давачки, се наоѓа на врвот. Додека во Германија од 100 евра бруто заработувачка, остануваат само 47 нето, кај големите индустриски држави тој просек е 62,50 евра. Организацијата за соработка и развој ОЕЦД пресмета дека во Германија одземањата од бруто-приходите се за една третина поголеми од просекот во државите што и припаѓаат на оваа организација.