1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија е против ангажман на НАТО во Ирак

28 мај 2004
https://p.dw.com/p/AcNI
Фотографија: AP

Германскиот министер за надворешни работи Јошка Фишер не смета со трајно воено присуство на САД во Ирак. Истовремено тој се изјасни и против ангажман на НАТО во Ирак: “Во интерес на НАТО и неговата способност за дејствување во иднина, би требало да се откажеме од таквата идеја“ - изјави Фишер за весникот “Ханделсблат“.

Јошка Фишер во разговорот за “Ханделсблат“ ја отфрли и идејата за испраќање германски војници за заштита на претставниците на ОН, кои треба да помогнат во изградбата на демократските структури во Ирак по предавањето на власта врз новата преодна влада на 30-ти јуни. Секако дека им е потребна заштита, “но за да ги спречам шпекулациите: Германија нема да се ангажира со војници во Ирак и на тој став остануваме!“ Фишер изрази и оптимизам дека ќе биде најдено компромисно решение за нова резолуција на Советот за безбедност на ОН.

Во меѓувреме продолжува дискусијата околу американско-британскиот предлог-резолуција. Францускиот претседател Жак Ширак изјави дека се неопходни измени и побара на Ирачаните да им се даде јасна перспектива за стекнување полна сувереност. Германскиот канцелар Герхард Шредер, пак, го отфрли барањето на Кина за утврдување фиксен термин уште од сега за конечното повлекување на американските сили од Ирак. И САД го отфрлија ваквото барање на официјален Пекинг.

Во Багдад инаку вчера беше извршен нов атентат врз член на сегашниот преоден совет. Вооружени лица го нападнаа конвојот на шиитската политичарка Салама ел Чафаџи, при што таа остана неповредена, но животот го загуби нејзиниот син, а беа повредени и неколку телохранители. Во светиот град на шиитите Наџаф на сила е вчера договореното примирје со приврзаниците на Моктада ел Садр. Портпарол на цивилната управа Ден Сенор најави дека американските војници ќе продолжат да патролираат се додека ирачки војници не ја преземат контролата во градот, а на сила останува и налогот за апсење на Ел Садр:

“Ние не ја сменивме нашата позиција ни за јота и тој мора да биде уапсен, а неговата милиција разоружана!“