1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Германија и Австрија ги зајакнуваат граничните контроли

ЖА / агенции
1 јуни 2018

Гранични контроли всушност не би требало да има во Шенгенскиот простор. Против волјата на Европската комисија, тие се засилуваат.

https://p.dw.com/p/2ymvJ
Grenzkontrollen Österreich/Deutschland
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Hoppe

Германските и австриските власти преку заеднички контроли реагираат засилено против криминал и нелегално доселување. Австриската и германската сојузна полиција, како и покраинската баварска полиција, од денеска првпат воведуваат тројни патроли во граничната област. Австриски и германски полицајци ќе го контролираат заеднички и преминот Бренер, а по три месеци ќе биде извлечен биланс од акциите.

Токму во граничните области е важно надрегионално координирање, изјави портпаролот на Дирекцијата на сојузната полиција во Минхен, Томас Боровик по повод стартот на контролите, во чиј фокус се биде товарниот сообраќај. „На овој начин сакаме правовремено да спречиме опасни начини на илегален влез во товарни возови, како и несреќни случаи“, изјави Боровик. „Слепите патници“ обично за недозволено влегување во ЕУ-државите користат товарни возови кои поминуваат преку Бренер, криејќи се меѓу или во вагоните.

Во 2017. година во регионот на надлежност на Дирекцијата на германската сојузна полиција во Минхен биле откриени околу илјада бегалци во товарни возови. Бројот нелегални преминувања на австриско-германската граница на Бренер  бележи притоа пад: во 2017. година околу 14.600 луѓе се обиделе незаконски да ја поминат границата, од нив 7.200 биле вратени. Во првите четири месеци годинава се регистрирани 3800 нелегални влегувања и околу 2100 враќања.

Во Шенгенскиот простор, во кој припаѓаат 26 европски држави, по правило треба да се контролираат само надворешните граници. Но, од избивањето на бегалската криза во 2015. година, Германија и други земји повторно воведоа контроли на своите граници.  Без оглед на противењето на Европската комисија,  во мај тие се продолжени на натамошни шест месеци. Како аргумент за оправдување, државите како Германија, Австрија, Франција, Данска, Шведска и Норвешка, која не е членка на ЕУ, го наведуваат влезот на бегалци од други Шенген-држави и опасноста од тероризам. За разлика од образложението „бегалска криза“, ЕК не може да изврши забрана на контроли воведени поради терористичка опасност.