1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија и помошта за Јужна Азија

3 јануари 2005

Една недела по катастрофалните поплави во Јужна Азија, се уште илјадници Европејци се сметаат за исчезнати. За многумина исчезанти од Германија има малку надеж. Кризниот штаб на владата во Берлин смета дека бројот исчезнати е јасно над илјада. Бројот повредени е 300, а досега во земјата се вратени 7 илјади германски туристи.

https://p.dw.com/p/AcIb

Инаку, претседателката на демохристијанската партија Ангела Меркел во интервју за весникот “Билд“ изјави дека би било соодветно да се прогласат денови на жалост за жртвите од катастрофата, посебно и затоа што меѓу нив има и многу Германци. Како, кога и во каква форма би се одвивало тоа можат да решат семејствата на загинатите. И претседателот на социјалдемократите Франц Минтеферинг го поддржа предлогот. “Ние тагуваме заедно со семејствата на жртвите“ изјави Минтеферинг за “Билд“. Солидарноста во Германија би можела да се покаже и во Бундестагот.

Претседателот на германскиот Црвен крст Рудолф Зајтерс се изјасни за подобра координација на акциите за помош во кризните подрачја во Јужна Азија. Во разговор за Дојчланд Функ тој изјави:

“Многу нешта функционираат многу добро, но мора да постои уште подобра координација. Ние од Германскиот црвен крст не можеме да правиме ништо на своја рака, туку се е во договор со Меѓународниот црвен крст во Женева. Тоа треба да биде случај со сета помош наменета за кризното подрачје. Секако, оние што работат на своја рака мислат добро, но можат и да ја отежнат ситуацијата“.

Инаку, преку акциите за донации, германските граѓани досега собраа околу 50 милиони евра.