1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Навреди за граѓаните кои живеат во региони жаришта на корона

ЕМФ | агенции
27 јуни 2020

Граѓани кои живеат во жариштата на коронавирусот во Германија, биле навредувани и им била нанесувана материјална штета во други делови од земјата. Владата во Берлин реагира со осуда и ги повика Германците на солидарност.

https://p.dw.com/p/3ePGQ
Deutschland | Rund 400 Corona-Infektionen in Schlachtbetrieb in Rheda-Wiedenbrück
Фотографија: picture-alliance/dpa/D. Inderlied

Граѓани од окрузите Гитерсло и Варендорф биле навредувани, а нивните автомобили гребени поради тоа што доаѓаат од региони кои се жаришта на коронавирус во Германија, соопшти германскиот министер за здравство Јенс Шпан. Таков „вид на стигматизација“ е нешто што е погрешно, зашто вирусот може да го погоди секој регион во секое време, оцени министерот за весниците од медиумската групација „Функе“.

Повеќе: 

Бивш работник во кланицата „Тенис“: „Ноќе слушав колеги како плачат“

Случај „Тенис“ во Германија: 650.000 луѓе назад во карантин

Коронавирус: Мувлосаните домови на работниците во кланицата Тенис

По надлежниот министер, со осуда реагираше и сојузната влада во Берлин. Владата остро ја осуди стигматизацијата на луѓето од покраината Северна Рајна Вестфалија поради корона-кризата и ги повика граѓаните во целата земја на солидарност. „Луѓето од Гитерсло и Варендорф се навредувани, нивните автомобили се гребат, што, се разбира, е целосно неприфатливо и одвратно однесување“, изјави во петокот портпаролот на германската влада Штефен Зајберт, додавајќи: „Токму во тешки ситуации мораме да се однесуваме едно кон други со почит и симпатија“.

Германската канцеларка Ангела Меркел во телефонски разговор со првиот човек од округот Гитерсло, Свен-Георг Аденауер (ЦДУ) им се заблагодарила на „населението и сите кои работат на справување со кризата“. Погодените граѓани се најдоа во ваква ситуација без нивна вина, рекла притоа Меркел и нагласила дека со мерките за изолација во округот граѓаните даваат многу важен придонес за спречување на ширењето на коронавирусот во земјата.

По избивањето на коронавирусот во кланицата „Тенис“ во Реда-Виденбрик од средата се воведени заострени мерки за спречување на ширењето на заразата во окрузите Гитерсло и Варендорф. Во „Тенис“ позитивни на коронавирус се над 1400 вработени, како и повеќе луѓе од нивното опкружување. Првите резултати од тестирањето на населението во пошироки рамки не даде укажувања дека вирусот се раширил на пошироко подрачје надвор од кланицата.

За луѓето од двата округа во покраината Северна Рајна Вестфалија заострените мерки носат проблеми на почетокот на летните одмори. Во голем број покраини (Баварија, Мекленбург Предна Померанија, Баден Виртемберг, Шлезвиг Холшатјан, Бранденбург, Сар, Хесен) во изминатите денови беа донесени забрани за сместување на граѓани од жариштата на корона, или пак оние што доаѓаат од такви места се задолжени да поминат извесно време во карантин. Исклучоци се можни само ако граѓаните покажат негативен корона-тест. Премиерот на покраината Сар, Тобијас Ханс, вчера се заложи за генерална забрана за патување во земјата на луѓето од регионите кои се жаришта на вирусот. Агенцијата ДПА вчеравечер јави дека е сепак постигната согласност туристите кои доаѓаат од регион кој е жариште на коронавирус да смеат да бидат сместени во хотел само ако со лекарска потврда докажат дека не се заразени. Освен тоа, ДПА ја пренесе и изјавата на премиерот на покраината Северна Рајна Вестфалија, Армин Лашет, кој оцени дека е „добро што имаме заеднички правила на сите покраини и на сојузот за тоа како да се поврзат превентивата од ризик и слободата на патување“. 

93-годишниот Херберт го победи коронавирусот

Во меѓувреме, ново мало жариште на коронавирус се појави и во округот Везел. Кај производителот на месо за донер кебаб во Мерс се зголеми бројот на вработени кои се позитивни на коронавирус на 82. Првиот човек на округот, Анзгар Милер (СПД) изјави дека се работи за „многу динамичен процес“ и дека „бројките се менуваат постојано“.