1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија најголем уплатувач во буџетот на ЕУ

Бернд Ригерт22 декември 2005

Како ќе се подели товарот по компромисот за буџетот постигнат на самитот во Брисел?

https://p.dw.com/p/AeN6
Ангела Меркел
Ангела МеркелФотографија: dpa

Големо беше олеснувањето на викендот, кога шефовите на држави или на влади на земјите на ЕУ на самитот во Брисел по долги преговори постигнаа согласност за буџетот на Унијата за периодот 2007-ма до 2013-та година. Клучен за изнаоѓање компромис беше предлогот на германскиот канцелар Ангела Меркел. Сега се прават сметките. Од нив, пак, произлегува зошто сите европски држави беа задоволни со посредничките напори на Меркел.

Првичните пресметки на Европската комисија, имено, покажуваат дека Германија ќе стане најголем уплатувач во Унијата – како според севкупната сума, исто така и споредбено на својата економска сила. Во 2004-та година најголемата земја во Унијата ја уплати и најголемата сума, имено 7 милијарди евра. Ставено во сооднос со економската сила, тоа беа само 0,33 проценти од домашниот бруто-производ. Холандија и Шведска, така погледнато, плаќаа значително повеќе.

Во новиот финансиски период Германија кон Брисел ќе насочува во просек 0,42 процента, Холандија и Шведска ќе бидат растоварени. Повисоки придонеси ќе уплатуваат и Франција и Италија. Поради кратењето на рабатот ќе порасне и британскиот удел во европскиот буџет и ќе изнесува 0,32 насто од нејзиниот внатрешен бруто-производ, двојно повеќе отколку досега со комплетниот рабат.

Ангела Меркел на прес-конференцијата во саботата рано изутрината во Брисел не можеше да наведе конкретни бројки во врска со она што го предложи и како би требало да изгледаат германските заштеди: „Јас ги молам експертите уште еднаш повнимателно да фрлат поглед. Не би сакала да наведам бројка и потоа да морам да се коригирам. Пресметувањето не е технички едноставно, оти секоја сума, независно дали ќе биде наменета за атомска централа во некоја балтичка држава или за регионална поддршка, повлекува поинаков германски удел во финансирањето, што мора да се плати. Затоа толку бргу не можам стопроцентно да го пресметам тоа“.

Во ноќниот преговарачки покер многумина од државниците издејствуваа вонредни премии и растоварувања. Германија, во однос на претходните предлог-буџети, за седум години ќе заштеди околу 600 милиони евра. Тоа е помалку, отколку што се надеваше министерот за финансии Пер Штајнбрик. Дипломати од Унијата велат во Брисел дека поголемиот германски процентуален удел е консеквенција од проширувањето на ЕУ. Но, Германија економски силно и профитира од новите пазари и трговските можности на истокот. Конечно, ЕУ, велат, не е само биланс од голи бројки; таа е и солидарна заедница, во која силните им даваат на слабите.