1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија на чекор до учество на наредното ЕП во фудбал

10 септември 2007

Кошаркарите на Германија pрeд елиминација на европското првенство во кошарка. Мекларен Мерцедес пред казна кога титулата во формула еден му е на дофат. Асафа Пауел недостижен во светот на најкратката атлетска патека

https://p.dw.com/p/BeLg
Мирослав Клозе ги постигна обата гола за ГерманијаФотографија: AP

Фудбалската репрезентација на Германија е досега најуспешната од 50-те селекции во квалификациите за наредното европско првенство. По победата со 2 спрема 0 на гостувањето против Велс во Кардиф билансот е 22 од 24 можни бодови и гол-разлика од 31 постигнат и само 4 примени голови. Веќе на 13 октомври, на гостувањето во Ирска, Германија може да го визира учеството на ЕП на три кола пред крајот на квалификациите!

“Апсолутно сум задоволен со резултатот, оти овде почесто имавме проблеми. Мислам дека констелацијата во групата е извонредна” – констатира 47-годишниот сојузен тренер на германската репрезентација Јоахим Лев во Кардиф. Со право беше задоволен, иако Германија под негово раководство постигнала и позначајни победи – но, оваа беше постигната иако недостасуваа Шнајдер, Фрингс, Лам и капитенот Михаел Балак.

“Факт е дека бев повреден, два пати бев опериран и се’ уште имам потешкотии. Значи, се’ уште не можам да играм, ниту да започнам со тренинг. За тоа ќе биде потребно уште некое време. Можам само да кажам дека не можам да дадам никаква прогноза кога повторно ќе можам да играм” – вели Балак. И без него германската репрезентација се презентира како кандидат и за европската титула на првенството наредната година во Австрија и Швајцарија, со него ќе биде дотолку посилна. Релативно младиот тим има победнички менталитет.

По саботните квалификациони натпревари, значи, во Германија задоволство, а во Италија кукаат, во Шпанија се лутат, а кај Англичаните - чувство на олеснување. По првата победа на новиот стадион Вембли против Израел со 3 спрема 0, Англија повторно е на курс кон европското првенство. На светскиот првак Италија, пак, по нерешениот резултат 0 спрема 0 дома со Франција, му се заканува нокаут во квалификациите, прв по цели 24 години.

Учеството и натаму е под прашање за европскиот вицешампион Португалија по скромните 2 спрема 2 против Полска, како и за Шпанија, на која според текот на настаните, и’ се закануваше уште поголема бламажа од нерешениот резултат 1 спрема 1 на гостувањето во Исланд. Речиси идентичен тек имаше и натпреварот во кој Малта испушти победа против Турција, иако и 2 спрема 2 е забележителен успех за малата нација.

Веќе в среда претстојат наредни квалификациони средби, освен за Германија, која во Келн во пријателски натпревар ќе игра со Романија.

Почнува СП-фудбал за жени, Германија ја брани титулата

Во пет кинески градови од денеска 16 женски фудбалски репрезентации се борат за светската титула. Ја брани Германија и со тоа има чест да игра на отворањето на светското првенство во Шангај против Аргентина. “Имаме добар план и се разбира сакаме да победиме во уводниот натпревар.Тоа е секогаш добро за настапите во натамошниот тек на трунирот. Ќе сториме се’ за добар резултат, без дилеми”, вели сојузниот тренер на женската репрезентација Силвија Најд.

Освен Аргентина, во групата со Германија се и Јапонија и Англија. За да го намали притисокот од очекувањата дека треба да биде одбранета титулата, Најд рече: “Не летаме таму за нешто да браниме, туку за нешто да освоиме.” Како конкуренција таа ги гледа САД, Кина, Нигерија, Норвешка, Шведска и Бразил. Голема е изедначеноста на светскиот врв.

Женскиот фудбал доживува бум. Се очекува натпреварите од Кина да бидат пренесувани на телевизија на сите континенти во далеку поголем број отколку пред 4 години во САД, а тогаш имаше преноси за 144 земји!

Претседателот на Германскиот фудбалски сојуз Тео Цванцигер посакува успех на репрезентацијата од уште една причина: “Сакаме да го добиеме светското првенство за жени 2011-та и се надеваме дека по првенството за мажи во 2006-та, уште еднаш ќе донесеме во Германија таква манифестација”.

Победата – императив за германските кошркари

На Европското првенство во кошарка за мажи, што се одржува во Шпанија, Германија денеска во вториот круг игра против досега непоразената Словенија, која си обезбеди место во четвртфиналето, како и селекциите на Русија, Литванија и Шпанија. Во редовите на европскиот вицешампион Германија владее видлива несигурност по два последовни неуспеха против Литванија во првиот и против Франција во групата од вториот круг. ”Тоа не гризе по малку, но важно е веднаш погледот да се насочи напред, да се фокусираме на заедничката цел”, вели тренерот Дирк Бауерман. Екипата предводена од најефикасниот стрелец на првенството Дирк Новицки со просек од 28,8 поени мора да ги добие дуелите со Словенија и со поранешниот првак на континентов Италија.

Хамбихен светски првак на вратило

Германија од вчера има нов спортски херој - 19-годишниот гимнастичар Флоријан Хамбихен од Вецлар. На светското првенство во Штутгарт тој вчера освои златен медал во дисциплината вратило, оставајќи ги зад себе Словенецот Алојз Пеган и Јапонецот Хисаши Мизутори. Претходно Хамбихен освои сребрен медал во гимнастичкиот повеќебој поединечно, и бронза како член на германската селекција во екипните натпревари.

“Целото светско првенство беше како сон и сега го имам комплетот од медали, поради што сум суперсреќен. И денеска на вратило – беше вистински бомба!” – рече Хамбихен по вчерашниот триумфален настап. “Лудило е какви нерви има тој. Ни рече: ако вие се здрвувате од трема, јас немам страв. Многу е силно што тој го постигна овде” – рече тренерот на гимнастичката репрезентација Андреас Хирш.

МекларенМерцедес – триумф во Монца, казна во Париз?

МекларенМерцедес му нанесе тежок пораз на Ферари на негов терен: двојна победа на “сребрените стрели” на патеката во Монца, Алонзо пред Хамилтон. Од Ферари Рајконен е на трето место, Маса не ја ни заврши трката. Хајдфелд и Кубица од БМВ четврти и петти. Во светското првенство во автомиобилизам формула еден станува возбудливо – Хамилтон сега има само три бодови предност пред Алонзо и цели 18 пред Рајконен. Кај конструкторите МекларенМерцедес има 166, Ферари 143.

Но, поради скандалот со шпионажа кај Ферари во полза на МекларенМерцедес работите можат да се свртат “на глава”: на британско-германскиот тим му се заканува исклучување до крајот на сезонава, или одземање на бодовите освоени во категорија на конструктори, а можна е и висока парична казна. Решение ќе донесе 26-члениот Совет на меѓународната автомобилска асоцијација во Париз.

Светски рекорд на Пауел на 100 метри

24-годишниот атлетичар од Јамајка Асафа Пауел на митингот во италијанскиот град Риети го подбри сопствениот светски рекорд во трчање на 100 метри. Новото најдобро време изнесува 9 секунди и 74 стотинки, три стотинки подобро од досегашниот рекорд што Пауел го постигна пред околу две години во Атина. Во меѓувреме уште два пати тој го постигна истото време – лани во Јуни во Гејтсхед и во август во Цирих.

Во последно време со Пауел можеше да се носи само Американецот Џастин Гејтлин, кој лани во мај во Доха исто така го изедначи светскиот рекорд, но во меѓувреме е казнет со осумгодишна забрана за настап поради користење допинг. Интересно е дека Пауел се’ уште нема освоено титула на светско првенство или на олимпијада!

Федерер и Анен победници на УС-опен

Роџер Федерер го освои последниот тениски грен-слем турнир во годината, Отвореното првенство на САД. Во финалето тој по изедначена игра го совлада 20-годишниот Србин Новак Ѓоковиќ – резултатот од 3 спрема 0 залажува – по сетови беше 7 спрема 6, 7 спрема 6 и 6 спрема 4.

Многу полесна задача имаше Жистин Анен во женското финале и за само 82 минути ја совлада Светлана Кузњецова од Русија со 6 спрема 1и 6 спрема 3.

Зоран Јордановски