1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија нема да го смени политичкиот курс поради терористичките закани

12 март 2007

Наспроти киднапирањето двајца германски државјани во Ирак и видео заканата од викендот, германските војници нема да го прекинат ангажманот во Авганистан, како што тоа го бараат терористите. Министерот за внатрешни работи, Волфганг Шојбле оцени дека безбедносната ситуација во земјата не се променила по најновите закани.

https://p.dw.com/p/Abyb
Министерот за внатрешни работи Волфганг Шојбле
Министерот за внатрешни работи Волфганг ШојблеФотографија: AP

“Овие т.н. видео пораки покажуваатдека постои зголемена опасност. Надвор од тоа немаме конкретни индиции, но и ова треба да се сфати сериозно. Тоа покажува дека спаѓаме во поширокиот простор западни земји, што се принципиелно загрозени поради ангажманот на Блискиот исток и други кризни жаришта“ - изјави министерот за внатрешни работи Волфганг Шојбле.

Тој нагласи дека германската влада оценува дека мора и понатаму да се вложуваат сите напори за стабилизирање на безбедносната состојба во Авганистан. Германија нема да дозволи да ја уценуваат.

Портпаролот на владата Улрих Вилхелм изјави дека постои “зголемена апстрактна опасност“ , но не постојат никакви индиции за подготвка на конкретни терористички акции. Поради тоа што ликовите на министрите во владиниот кабинет, вклучувајќи ја и канцеларката Ангела Меркел, беа прикажани во заканувачката видео порака, службите за безбедност ги преземаат сите можни мерки за соодветна заштита на членовите на владата.

Со суштинските прашања како: кој се крие зад заканите и колку сериозно можат да ја загрозат безбедноста на граѓаните во Германија, се занимава кризниот штаб во Берлин, што работи под директна контрола на шефот на дипломатијата Франк Валтер Штајнмајер. Германската влада како и вообичаено во вакви ситуации не соопштува многу детали. Во нејзината работа има два клучни принципи:

“Едниот принцип е дека владата презема се‘ што е во нејзина моќ за да им го спаси животот на заложниците, а вториот е дека германската влада не подлегнува на закани и уцени“ - појаснува експертот за надворешно политички прашања на владеачката христијанско демократска унија, Екарт фон Кледен.

Видео порака од викендот што е објавена на една исламистичка интернет страна покажува дека лицата што стојат зад неа ја познаваат политичката ситуација во Германија. Во пораката прочитана на арапски, но титлувана на потполно коректен германски, тие прашуваат: “Зошто сакаш да си ги загрозиш сите стопански интереси поради добробитта на Буш и неговата банда?“ “Не е ли глупаво да ги поттикнеш муџахедините на атентати во твојата земја?“

Германскиот експерт за прашања на тероризмот Ролф Топхофен е особено загрижен поради одличната временска координација на терористите со акцијата на киднапирање и видео пораките со заканите. Освен тоа обете пораки се појавија на истата интернет страна за кусо време. “Тоа ми изгледа како совршено инсценирана акција за вршење притисок“ - нагласи Топхофен. А неговиот колега Елмар Тевесен оценува:

“Очигледно таму некој добро ја познава германската полиитка и тоа може да значи дека во Германија има поддржувачи на Ал Каеда кои се вклучуваат во оваа пропаганда. Тоа по себе крие опасност по заканите да дојдат и дела, односно евентуално во Германија да бидат извршени атентати!““