1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема доволно пари за вештачка интелигенција

Андреас Бекер
9 јануари 2019

Германската влада сака да ја промовира Германија како технолошки центар и затоа ќе инвестира во вештачката интелигенција. Добра идеја, но ни приближно доволна, смета експертот за Битком, Сузане Демел.

https://p.dw.com/p/39P7J
Programmcode mit Auge und Technologie Hintergrund
Фотографија: picture alliance / Klaus Ohlenschläger

ДВ: Неодамна беше соопштено дека престанува да се одржува Цебит во Хановер, своевремено најголем компјутерски саем на светот. Некои тоа го сметаат за знак дека Германија во однос на дигитализацијата го пропуштила возот. Дали и Вие размислувате така?

Сузане Демел: Не, не мислам така. За Германија е штета што веќе нема да го има Цебит, но тоа повеќе е индикатор дека бизнисот со саеми и конгреси меѓународно станува потешко одржлив отколку дека Германија го пропуштила возот за дигитализацијата.

Владата во својата дигитална стратегија ја истакнува темата вештачка интелигенција и сака Германија да ја направи водечки меѓународен центар во тој поглед. До 2025. планира да инвестира околу три милијарди евра, односно 500 милиони годишно. Вие сметате дека тоа е премалку, но зошто?

Секако дека прво го поздравуваме фактот што воопшто постои стратегија. Тоа е добра стартна точка. Но, се работи и за тоа со колкава брзина ќе напредува развојот. Ако земеме за споредба колку се инвестира во други делови од светот, сметаме дека средствата кои сега се предвидени не се доволни за доволно брзо да се постигне значаен напредок.  

Кина планира инвестиции од околу 150 милијарди долари, во САД се поттикнува дигитализацијата на компаниите. Еве неколку податоци за издатоците за научноистражувачки цели на компании: 23 милијарди само во Амазон, 17 милијарди во мајката фирма на Гугл, Алфабет, околу 12 милијарди во Интел, Мајкрософт и Епл, како и 8 милијарди во Фејсбук. Се работи за податоци по фирма и на годишна основа. Со оглед на ваквите суми, 500 милиони од владата делуваат по малку смешно.

Bitkom Susanne Dehmel
Сузане Демел, Дигитално здрижение БиткомФотографија: Bitkom/Till Budde

Така е. Затоа и велиме дека би требало да се одвојат повеќе средства. Во случајот со премиите за автомобили пред неколку години краткорочно беа алоцирани многу поголеми суми, односно пет милијарди евра одеднаш.

Но, Германија нема да може да се споредува само со Кина и САД, туку мора да се обезбедат слични средства и во рамки на ЕУ за да може да држиме чекор со тие две земји. Ние во Германија имаме и поинаква структура на компаниите и затоа е многу важно владата да помага. Поголеми шанси имаме во индустријата, бидејќи тука Германија има поголеми играчи и многу средни компании кои се глобални играчи.

Но, и таму е потребна поддршка, особено што се однесува до трансферот на знаење и наука во компаниите или пак промена на процесите. Мислам дека владата може многу да помогне.

Планот на владата опфаќа и во следните години да создаде стотина професорски места за вештачка интелигенција. Како е Вашиот став?

Тоа е прилично амбициозна цел. Но не значи дека ако се отворат нови катедри, студентите ќе чекаат во редици токму за таа насока. Во светот нема доволно експерти. Затоа, мора да создадеме услови за иноваторите и истражувачките активности за да привлечеме експерти од други региони. Мораме и натаму да обучуваме и нови луѓе и тие што ќе дојдат да ги поддржуваме и поттикнуваме. Генерално е исправно да се создадат нови капацитети за научноистражувачка дејност.

Во Германија пристапот до брз интернет е во најдобар случај проблематичен, дури и при нормални мобилни конекции. Министерот за економија на сојузно ниво, Алтмајер, се пожали дека му било срам поради постојаните прекини на разговорите кога во автомобил разговара со колеги од странство. Колку е реална целта да се стане водечки центар за вештачка интелигенција ако немаме ни основна инфраструктура?

Дупките во мрежите се проблематични, тоа мора да се поправи. Важно е притоа политиката да ги увиди грешките од минатото и да не ги повторува кога се работи за предусловите за покриеност на мобилната мрежа. За жал 5Г фреквенции се лиценцираат за многу висока цена. Тоа за операторите е тешка ситуација. Треба да ја поттикнеме конкуренцијата, а не да ја гушиме подготвеноста на компаниите за инвестиции со престроги барања и услови. Потребно ни е ширење на оптичката мрежа, брзи мобилни мрежи и тоа што е можно побрзо и на други пунктови каде навистина се потребни. Тука мора многу нешта да се направат.

Сумирано: сметате ли дека целта на владата да ја направи Германија центар на вештачката интелигенција е достижна?

Мислам дека во комбинација со други европски земји би можеле да имаме носечка улога, но колку тоа ќе успее зависи од тоа колку консеквентно ќе одиме напред и дали ќе ги устроиме сите сили за да го забрзаме темпото на развојот. Секако дека извесни импулси мора да дојдат и од економијата, но има и области во кои економијата сама по себе не може да направи ништо. На пример, тука се правните рамки за користење или надградување на технологии или пак за едукацијата.

Сузане Демел е член на раководството на Битком. Дигиталното здружение со седиште во Берлин застапува повеќе од 2600 компании од дигиталните бизниси.