1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Култура

Германија освои три меѓународни Еми-награди

НД/ дв
22 ноември 2016

Германските телевизиски продукции на вчерашната церемонија во Њујорк освоија три меѓународни Еми-награди. Престижната награда за најдобра драма ја освои „Дојчланд 83“, телевизиска драма за периодот од Студената војна.

https://p.dw.com/p/2T3Hz
USA Emmy Awards in New York - Deutschland 83
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Gombert

Во понеделникот во Њујорк, германските телевизиски продукции освоија три меѓународни Еми-награди, меѓу кои и најпрестижната награда во индустријата - наградата за најдобра драма.

ТВ-серијата „Дојчланд 83“ ја освои најпрестижната награда откако доби позитивни оценки од критичарите и беше продадена на 38 меѓународни ТВ-емитери. Серијата е трилер, во кој се обработува периодот за време на Студената војна и ја раскажува приказната за еден источногермански шпион кој се инфилтрира во армијата на Западна Германија за да украде тајни на НАТО.

„Дојчланд 83“ е првата серија на германски јазик која се емитува на американските ТВ-станици.

„Нашето шоу е за поделената нација која на крајот го урна ѕидот и се обедини на мирен начин“, изјави ко-креаторот и продуцент на серијата Јерг Вингер. „Серијата покажува дека и најголемите разлики можат да бидат надминати“.

Ана Вингер, другиот ко-креатор на „Дојчланд 83“, објави фотографија на Твитер од актерската екипа на серијата, фотографирана позади сцената, каде што заедно прославуваа за освоената награда.

Германската актерка Кристијане Паул ја освои наградата за најдобра актерка за нејзината улога во филмот „Под радарот“, чија тема е приказна за една германска судијка, чиј живот се превртува наопаку откако нејзината ќерка ќе биде осомничена за планирање на бомбашки напад во Берлин.

„Мора да запомниме дека ние сме човечки суштества и ве молам не плашете се од терористички напади“, изјави Паул. „Мора да запомните дека сите сме исто и дека мора да се бориме против вистинските проблеми во светот“.

Третата Еми-награда беше доделена на германската телевизиска продукција за документарниот филм „Војна на лаги“. Документарецот, кој започна како школски проект за филм, се фокусира на еден ирачки бегалец, чии информации за постоење на оружје за масовно уништување во предвечерјето на војната беа искористени од САД за да ја оправдаат инвазијата на Ирак во 2003 година.

„Ниту еден германски филмски фестивал не сакаше да го прикаже овој филм“, изјави режисерот на филмот Матијас Битнер. „Конечно заврши во САД, за што е и самиот филм“.