1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија остро ќе го казнува говорот на омраза на Интернет

БГ
30 јуни 2017

Германскиот парламент денеска изгласа закон со кој социјалните медиумски гиганти ќе се казнуваат со казни до 50 милиони евра доколку систематски одбиваат да избришат содржини со говор на омраза

https://p.dw.com/p/2fgnF
Facebook Nutzer Symbolbild
Фотографија: picture-alliance/dpa/O. Berg

Германија ја презема оваа мерка, која се смета за една од најострите во светот, по напливот на расистички и навредливи пораки на интернет, особено по пристигнувањето на повеќе од еден милион бегалци во земјата од 2015 година наваму.

Според германскиот закон, негирањето на Холокаустот, предизвикување омраза и расистичките и анти-семитски говори се нелегални.

Но, критичарите предупредуваат дека рестриктивните мерки ќе го задушат легитимниот слободен говор, ставајќи ги гигантите како Фејсбук и Твитер да бришат содржини и превентивно да цензурираат ставови. Дополнително, велат критичарите, наместо властите, моќта да оценуваат која содржина е законска им се дава на социјалните мрежи.

Министерот за правда Хајко Мас аргументираше дека „слободата на мислата завршува онаму каде што почнува кривичниот закон“.
„Смртни закани и навреди, поттикнување омраза или негирање на Холокаустот, не се дел од слободата на говорот- напротив, тие се напади против слободата на мислата на луѓето“, изјави Мас. „Нивната цел е ги заплашат и замолкнат другите“, додаде тој.

Според новиот закон, компаниите како Твитер и Фејсбук ќе имаат рок од 24 часа да отстранат пост кој отворено е спротивен на германскиот закон, откако како таков ќе биде пријавен од корисниците. Навредлива содржина која е потешко да се категоризира ќе треба да биде избришана во рок од седум дена откако ќе биде пријавена.

Владата потенцира дека тешките казни ќе бидат барани само доколку компаниите систематски одбиваат да ја следат директивата, а не за индивидуални случаи.