Германија планира да ги продолжи контролите на границата со месеци

ЕК планира продолжување на граничните контроли за три месеци, а германските планови најверојатно одат многу подалеку. Според медиумски извештаи, на границата со Австрија контроли ќе има до крајот на 2017-та.

Одлуката на Брисел за тримесечно продолжение на контролите на границите за германскиот министер за внатрешни работи Томас де Мезие најверојатно не е доволна. Според весниците од „Медиумската група Функе“, германската влада е на мислење дека контролите би требало да се продолжат „најверојатно и по првата половина од 2017-та година“. Таков одговор дала владата во Берлин на прашање поставено од пратеничката група на Зелените во Бундестагот.

Според она што стои во одговорот, продолжение на контролите е неопходно „поради вкупната состојба“, односно „и натаму големиот миграциски притисок врз Европа“. Весниците пишуваат дека министерот за внатрешни работи Де Мезие се залага за контроли до крајот на годинава. Опозицијата ја критикува политиката на Владата во оваа сфера. Општи контроли „не би смееле да бидат трајно решение“, изјави експертката на Зелените за внатрешнополитички прашања Ирене Михалич за весниците од „Медиумската група Функе“. Контролите „се спротивни на европскиот дух“ и се „многу малку ефективни“ во борбата против екстремистите, вели таа. Наспроти тоа, според Михалич, би требало да се подобри „целната кооперација со европските безбедносни власти“.

Германија беше прва земја од Шенген која воведе контроли на границата со Австрија, во септември 2015 година, поради големиот наплив на бегалци. Потоа следуваа Австрија, Данска, Шведска и Норвешка. Европската Комисија вчера им дозволи на овие земји продолжување на контролите на границите во Шенгенскиот простор за уште три месеци.

Следете нѐ