1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија полага надеж во рецептот - лесно достапни вакцини

Кај-Александер Шолц
21 септември 2021

Германија според процентот на вакцинирани граѓани е во средината на европската табела. Германската влада се обиде да ги поттикне луѓето да се вакцинираат преку акциска недела. Дали успеа?

https://p.dw.com/p/40atS
Coronavirus - Impfbus Region Hannover I Impfaktionswoche
Фотографија: Julian Stratenschulte/dpa/picture alliance

Берлинскиот сенат користеше ваква реклама: „Вакцина во сендвичара за донер“. Како тоа? „За мене донер без кромид, со лут сос и – една Модерна, ве молам“. Сѐ се разјаснува потоа на самото продажно место на скарата. Вакцинирањето е 100 метри подалеку, на плоштадот со насобран народ. Кој сака, може да земе ваучер за донер по вакцинирањето.

На вториот ден од  кампањата која траеше целата претходна недела, пред вакциналниот пункт немаше гужва, но на плоштадот во берлинскиот кварт Вединг како и секогаш, насобрани доста луѓе. Прва доаѓа туристка од Шпанија. Нејзиниот домаќин објаснува дека таа сака да ја искористи приликата и да се вакцинира. Тука е и еден човек кој вели дека не би се вакцинирал, но владата практично го принудува на тоа, зашто воведе правило дека само вакцинираните или оние кои прележале ковид, имаат пристап во ресторани.

За разлика од него, Линус не сака да остане анонимен, дозволува и да го фотографираат. „Јас го преспав својот термин, а потоа не стигнав да закажам нов“, вели тој. Додава дека пријател му испратил линк со иформации каде постои можност за вакцинирање без закажување. „Време е тоа да го завршам“, констатира тој.

Линус всушност го потврдува она што го тврдеше и германскиот министер за здравство, Јенс Шпан, дека има уште луѓе кои немаат ништо против  вакцина,  но можеби го пропуштиле својот термин.

Вакцинирање без термин релативна новост

Дежурната лекарка на плоштадот Леополдплац вели декаво првиот ден имало само 70 вакцинирања, а меѓу нив и постари луѓе кои берлинскиот Сенат ги повика да примат трета доза. Тоа го потврдува и активистката која работи за хуманитарната фондација „Работнички Самариќани“, блиска до германските Социјалдемократи. Таа вели дека ја изненадило што луѓето кои сакале да се вакцинираат,  ретко барале награда, како ваучер за донер. Луѓето доаѓале и без тоа.

Вакцинирање пред супермаркети или на плоштади во други земји одамна е пракса, но во Германија тоа е релативно новина.

Во почетокот немаше доволно вакцини, па беа воведени стриктни правила. Прво беа вакцинирани најзагрозените групи, вакцинацијата беше можна само со термин во вакцинални центри, а од април ја презедоа и избрани лекари. Тоа донесе бирократско оптоварување за сите учесници во процесот.

Не се случи вакцинален бум

И канцеларката Ангела Меркел агитираше за акциската недела: „Никогаш не било поедноставно да се добие вакцина, никогаш не било побрзо“. Владата знае дека од успехот на вакцинацијата ќе зависи како Германија ќе помине преку есента и зимата. Затоа Ангела Меркел изјави дека е неопходно што повеќе луѓе да се убедат да се вакцинираат.

Нагол пораст на вакцинирани, на кој се надеваа организаторите на акциската недела, сепак не се случи. Кога таа ќе се според со неделата пред неа, во некои денови дури бројот на вакцинирани беше и помал од седум дена претходно. Тоа се однесува на сите видови вакцинирање, и со прва, втора и трета доза. Меѓутоа, во статистиката на Институтот Роберт Кох не се разликуваат вакцинирањата планирани претходно од оние на кои се надеваа организаторите – спонтани вакцинирања мотивирани со акциската недела.

Сепак, германскиот министер за здравство Јенс Шпан извлекува позитивен биланс: „Во текот на акциската недела извршивме вкупно 500.000 важни вакцинирања со прва доза, отприлика половина од тоа се заслуга на акцијата.“ Тој вели дека за успехот придонесле здруженија, организации, волонтери, приватни иницијативи во 1500 поединечни акции.

Целта уште не е постигната

Шпан е загрижен поради тоа што уште не е имунизирана голема група луѓе постари од 60 години. Според актуелниот неделен извештај на нститутот Роберт Кох, има 14 проценти невакцинирани граѓани во таа старосна група. Кај помладите старосни групи има околу 30 проценти невакцинирани. А две третини од децата и младината на возраст од 12 до 17 години немаат примено вакцина.

Владата зацрта цел да бидат имунизирани 90 проценти од граѓаните постари од 60 години, а тој процент во старосната доба меѓу 12 и 59 години да биде 75.

Политиката смета дека непостоење вистински прилики е причина што многу луѓе ги спречува да се вакцинираат.

Има психолози кои за толкување на одбивањето на вакцината го употребуваат зборот „доверба“. Еден од нив е и Петер Кирш. Според него, добар дел од оние кои внимателно го анализираат ризикот од вакцинирање, смета дека довербата е исклучително важна. Кирш ја критикува политиката, зашто пречесто она што беше преземано, изгледаше лошо. Во едно свое истражување тој пронашол врска меѓу довербата во државните институции и спремноста за вакцинирање. Што е поголема довербата, толку повисока е и спремноста за вакцинирање, и обратно.

Токму таа констатација ја употребуваа и германските медиуми, објаснувајќи го високиот процент на вакцинирани граѓани во Данска, таму довербата во политиката е исклучително голема.

Германската влада се надева дека еднонеделната акција за вакцинирање ќе се покаже успешна на долг рок. Портпаролка од Министерството за здравство изјави дека акцијата доведе до поголема видливост: „Оваа еднонеделна акција е само почеток“. А портпарол на германската влада додаде дека треба да продолжат понудите за лесно достапно вакцинирање.