1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија работи за нивелирање на нерамнотежите во еврозоната

Ролф Венкел/Зоран Јордановски22 мај 2012

Во југот од еврозоната опаѓаат трошоците за работна сила, а во Германија се договараат високи скокови на платите. Нивелирање на нерамнотежите - најдобар пат за излез од кризата? Економистите предупредуваат.

https://p.dw.com/p/14zi9
Фотографија: Fotolia/pincasso

Речиси цела деценија германските синдикати повеќе се бореа за зачувување на работните места, отколку за процентите за покачување на платите. Со умерен пораст на платите тие недоброволно придонесоа за драматично заострување на нерамнотежата во еврозоната: се’ повеќе растеше конкурентноста на Германија, додека трошоците за работна сила во јужните периферни земји на еврозоната драматично пораснаа како последица на економскиот бум финансиран со задолжување.

Како резултат на ова јужните периферни земји всушност би морале да ја девалвираат својата валута - но не можат, оти го имаат еврото. Кристин Лагард, сега шеф на Меѓународниот монетарен фонд, уште како министер за финансии на Франција укажа дека постои и втор пат: Германија да ги зголеми потрошувачката и платите.

Пресврт

Тоа своевремено предизвика силна дискусија, дали Германија треба намерно да си го намали нивото, за да се ублажи напнатоста во еврозоната? Во никој случај, аргументираа економистите, оти со тоа само би бил намален притисокот врз јужните периферни земји за да се погрижат за своја подобра конкурентност.

Но, времињата се променија. „Гледаме пресврт кај платите“, вели Јерг Крамер, главен економист на Комерцбанк. Тој на почетокот на мај предвиде дека Шпанија и Португалија за 3 години целосно ќе го надоместат заостанувањето во конкурентноста во однос на другите земји од еврозоната. Крамер ова го образложи со согледливото намалување на трошоците за работна сила во тие две земји, а смета дека и Ирска е на добар пат.

Schäuble PK Haushalt Berlin
Волфганг ШојблеФотографија: dapd

Со благослов од политиката

Значи, расте конкурентноста на кризните земји во споредба со Германија. На ова се надоврзуваат и тарифните договори за повисок скок на платите овде. Во јавните дејности во три фази за 18 месеци платите ќе пораснат за вкупно 6,3 проценти, во металната и електроиндустријата скокот на платите за околу 3,5 милиони вработени ќе изнесува 4,3 проценти и е највисок за последните 20 години. За приближно 550 илјади вработени во германската хемиска индустрија синдикатот бара покачување од 6 насто и може да се очекува договор кој ќе биде значително над сегашната стапка на инфлација од 2 процента.

Синдикатите во случајов дури можат да се потпрат и врз благослов од политиката. Сојузниот министер за финансии Волфганг Шојбле во едно интервју дадено уште пред тарифните преговори рече дека било „на место ако платите во Германија сега посилно растат отколку во сите други земји на ЕУ“. Германија си ги извршила домашните задачи и подобро може да си дозволи повисоки тарифни договори отколку другите земји, вели Шојбле: „Ние зад нас имаме многу години на реформи“.

IWF / Christine Lagarde / Internationaler Währungsfonds
Кристин ЛагардФотографија: Reuters

Сличен е и ставот на еврокомесарот за монетарна политика Оли Рен: „Повисоките трошоци за работна сила натамошно ќе ја поттикнуваат внатрешната побарувачка. Тоа е добро за поголема урамнотеженост во целата економија на еврозоната“.

Предупредувања

Југот ја намалува разликата, Германија доброволно попушта - дали е тоа најдобриот пат за излез од кризата? Се чини дека тоа нивелирање на нерамнотежите во еврозоната е политички посакувано, но од економски агол на гледање Јерг Крамер од Комерцбанк го смета тоа за неповолен развој: „Монетарната унија како целост ќе биде послаба ако се намалува конкурентноста на нејзината најголема економија (Германија, н.з.) не само во однос на јужните периферни земји, туку и во однос на економии надвор од еврозоната“.