1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија расте благодарение на доселениците

Мартин Кох/Борис Георгиевски18 јануари 2013

Бројот на населението во Германија изминатата година значително порасна. Нов бејби-бум? Не, туку пораст на бројот на доселениците. Нов тренд кој може многу да и‘ помогне на Германија.

https://p.dw.com/p/17Kna
Фотографија: picture-alliance/dpa

За стотици илјади мигранти од разни земји Германија е атрактивна цел. Особено од земјите-членки на ЕУ од јужна и источна Европа многумина доаѓаат во потрага по работа во Германија. Минатата година бројот на доселениците го надминал бројот на иселеници од земјата за 300 илјади. Поради таквиот тренд бројот на населението во земјата надминал 82 милиони луѓе, соопшти Заводот за статистика. Најголемиот дел од доселениците се населуваат во растечките региони околу големите градови како Келн, Франкфурт и Минхен. Во руралните региони доселување речиси и да не е забележано.

Многу Грци, Шпанци или Бугари во доселувањето во Германија гледаат шанса да се вработат. Во нивните земји владее голема безперспективност, без изглед дека нештата набрзо ќе се подобрат. Оттука многумина се разочарани кога ќе сфатат дека тука не се пречекани со раширени раце.

Нова култура на добредојде

На Германија и‘ е потребна нова култура на добредојде, вели Штефен Кронерт од берлинскиот Институт за развој и население.

Steffen Kröhnert Demograf und Sozialwissenschaftler
Штефен КронертФотографија: picture-alliance/dpa

„Германија во минатото често беше затворена. Нам ни се потребни високо квалификувани доселеници, тоа значи дека мора да го поедноставиме признавањето на нивните квалификации и да им овозможиме да живеат тука со нивните семејства“, вели Кронерт. Како дел од новата култура на добредојде, освен правните, треба да се менуваат нормите и во пракса, па така не смее повеќе да се случува мигрантите со часови да чекаат дозволи во некоја  институција, ниту пак да бидат малтретирани од тамошните чиновници.

Актуелниот бран на доселување во Германија носи пред се’ луѓе со добри квалификации: инженери, академици, стручњаци. Од тоа профитираат пред се германските фирми, а од нив и целото општество. Но кусогледо е притоа да се концентрираме само на високо квалификуваните, вели Кронерт.

„На Германија не и се потребни само инженери, туку на пример и луѓе за одржување и нега, каде не е потребна толку висока компетентност. Тоа е можност за интеграција и на оние кои немаат високи квалификации“.

Нови курсеви за учење на германскиот

Во минатото доселениците учеа германски јазик на т.н. курсеви за репатријација, кои во меѓувреме државата ги преименува во курсеви за интеграција. Но, на новата генерација доселеници и‘ се потребни многу поефективни и специјализирани понуди, вели Гинтер Хајнекер од школата за јазици Ареналингва.

„Тие добиваат работа како инженери, научници, лекари итн., и јасно е дека на еден лекар му се потребни сосема поинакви познавања на германскиот јазик од еден научник од областа на природните науки, или пак од некој кој работи во гастрономијата“.

Ärztemangel in Deutschland
Фотографија: DW/P.Pani

Во најголемиот дел од браншите оставено им е на работодавците да одберат дали ќе ги испратат своите вработени на курс по германски. Но во некои сектори тоа е обврска, како на пример за лекарите, негувателите и медицинскиот персонал кои мораат да поседуваат високо ниво на познавање на јазикот за да можат да работат во Германија. Тоа е уште една од причините, покрај растот на бројот на доселениците, за „експлозијата“ на луѓе кои се заинтересирани за посетување на јазичните курсеви.