1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија сака да предложи преговори на ЕУ со Србија

Александар Методијев/бета/макфакс9 јуни 2013

Самитот на ЕУ се одржува на 27 и 28 јуни. Според закон, германската влада пред носењето одлуки врзани за функционирањето на ЕУ мора за нив да добие согласност од Бундестагот. Расположението е на страна на Србија.

https://p.dw.com/p/18mQa
Фотографија: picture-alliance/dpa

Германската влада има намера на јунскиот самит на Европската унија да предложи начелно да започнат пристапните преговори на ЕУ со Србија, а точниот датум потоа, во зависност од напредокот во спроведувањето на договорот меѓу Белград и Приштина, да биде одреден во декември.

Овој став, како што јавува дописничката на Бета, ќе и’ биде пренесен на српската вицепремиерка задолжена за евроинтеграции Сузана Грубјешиќ. Таа од утре во Берлин ќе разговара со претставници на германскиот парламент и со претставници од министерството за надворешни работи и на сојузната влада.

Канцеларката Ангела Меркел минатата недела на своите пратеници им го образложила својот став. Таа, како што пренесува Бета, се чувствувала обврзана да не отстапи од својот став од август 2011 година, кога за време на посетата на Белград рече дека нема да има започнување преговори додека не биде постигнат договор за распуштање на паралелните структури на северот на Косово.

Сега, кога тој договор постои, германските политичари бараат и негово спроведување, па токму затоа Бундестагот се очекува кон крајот на јуни да донесе „двојна одлука“, која ја поддржува и германската влада. Тоа значи дека Германија сака на јунскиот самит да биде донесена позитивна одлука за Србија.

Bundestag und Quadriga in Berlin
Германските политичари бараат резултати од преземените обврскиФотографија: Getty Images

Според оваа замисла, на самитот на ЕУ треба да биде донесена начелна одлука за отпочнување на преговорите со Србија најрано во 2014 година, а конкретен датум потоа да биде утврден во зависност од успешноста на имплементацијата на договорот меѓу Белград и Приштина.

Според желбата на германската влада и мнозинството во Бундестагот, доколку планот се оствари до крајот на годината, на новиот самит на ЕУ во декември би можела да биде донесена одлука за почеток на преговорите во јануари или февруари 2014 година. Ако за спроведување на преземените обврски е потребно подолго време, тогаш и датумот би бил утврден подоцна.

Со тоа, како што пренесува Бета, на Србија и’ се дава зелено светло за отпочнување на преговорите, но во исто време Белград ќе биде потсетен дека треба да ги заврши „домашните задачи“ пред да започнат преговорите. Бундестагот на 27 јуни би требало да расправа за можното утврдување датум за Србија, а самитот на ЕУ се одржува на 27 и 28 јуни.

Во владините кругови во Берлин се зборува дека така е најден „пат со кој повеќе интереси се ставаат под една капа“ – интересот на Србија да добие конкретно ветување, интересот на низа земји од ЕУ сега без одложување да се донесе одлука за преговори со Србија и интересот на германските пратеници од владејачката партија, кои најпрво сакаат да видат успех во спроведување на договорот пред почетокот на преговорите.