1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: со искубани пердуви кон Јамајка коалиција

Сабине Кинкарц
16 октомври 2017

Додека уште трае домерувањето на силите по сојузните избори, изборите во покраината Долна Саксонија уште повеќе ги искомплицираа работите, зашто таму победниците добија „по носот“, коментира Сабине Кинкарц.

https://p.dw.com/p/2ltgD
CDU-Wahlkampf mit Angela Merkel
Фотографија: picture-alliance/dpa/F. Gentsch

Покраинските избори се регионална работа и немаат поголемо значење за Германија како целина. Политичарите во Берлин радо излегуваат со вакво тврдење ако лошо поминале на тие избори.  Но, ЦДУ, Либералите и Зелените едноставно нема да можат да ги затворат очите пред резултатот кој го остварија на изборите во покраината Долна Саксонија.  Во Хановер на сите им се искубани пердувите. И затоа ниедна од овие партии нема да има подобри позиции кога оваа недела ќе започнат разговорите за планираната „Јамајка коалција“ на сојузно ниво.

Зашто, победникот не изгледа така. Не изгледа така ни поддршката од избирачите. Со исходот од оие покраински избори, првенствено е уште повеќе ослабена позицијата на Ангела Меркел. Зашто, пред три недели таа и онака ја доведе ЦДУ до еден од најлошите изборни резултати во историјата на партијата на ниво на Германија, а падот продолжи и понатаму, пренесувајќи се како 1: 1 и на ЦДУ во изборите во Долна Саксонија. Таму предизвикувачот, христијанскиот демократ Бернд Алтхаусман долго држеше предност пред СПД и тоа толкава што веќе се однесуваше како иден покраински премиер. А тогаш работите тргнаа надолу, паралелно со Меркеловата ЦДУ на ниво на целата земја.

Се топи можноста за компромиси

На сојузно рамниште, во односите меѓу ЦДУ и сестринската баварска партија ЦСУ тоа би можело да значи зголемен притисок во насока на тоа целата Унија да биде уште поконзервативна. ЦСУ веќе тоа јасно го најави. Но, на таков начин дополнително ќе се комплицира можната коалиција со Либералите и Зелените, која и без тоа е доволно комплицирана. Зашто, и Либералите и Зелените во Долна Саксонија претрпеа сериозни загуби, така што и тие партии се соочени со потребата од диференцирање и заострување на своите политички профили.

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц

На кои позиции треба да се истрае, каде е границата под која не може да се оди, каде воопшто постои простор за попуштање во (коалициските) преговори: маневарскиот простор за вистински компромиси, без кои Јамајка коалицијата воопшто не е можна, сега стана уште потесен.

Што ако ЦДУ/ЦСУ, Либералите и Зелените сепак не можат да се сложат околу коалиција во Берлин? Социјалдемократите, по својот крахирачки пораз на сојузните избори, се простија од владата и преминаа во опозиција. Таму сакаат да извршат прегрупирање на своите сили и да постигнат нова позиција на својата партија. Но, дали таа одлука е конечна или не, со оглед на сразмерниот успех постигнат во Долна Саксонија, дали може повторно да се дискутира на таа тема? Да владеат, социјалдемократите тоа добро го знаат, ќе ги радува повеќе отколку да седат во опозиција. Ако Јамајка не успее, паѓа ли тогаш должноста врз СПД?

Заводлива моќ

Синоќа во Хановер, но и во Берлин, другарите имаа широки насмевки. Победата во Долна Саксонија им даде крилја на сите социјалдемократи, беше лек за нивната ранета душа. Но, партиското раководство не смее да биде заведено од тој успех. На некои избирачи сигурно им импонираше доследноста на партискиот шеф Мартин Шулц, кога уште по првите резултати од сојузните избори, најави заминување во опозиција. Можеби успехот во Долна Саксонија е првата награда за таа скромност и обѕирност. СПД треба да остане на тоа.

Поминаа три седмици од изборите за германскиот парламент, Бундестагот и токму поради толку неизвесниот исход, сите со нетрпение ги очекуваа резултатите од изборите во Долна Саксонија. Сега тие се на маса и може веднаш да почне натегањето околу формирање влада во Берлин. Нѐ чекаат тешки, комплицирани и напнати времиња. Сите учесници ќе мора да бидат спремни на отстапки. Но, преговорите отвораат и бројни можности. Меѓутоа, за таа цел сите треба да се помрднат од своите позиции. И тоа сите без исклучок.

 

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц новинарка на ДВ