1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија стои зад договорот за пристап на Турција кон ЕУ

6 октомври 2006

Партиите ЦДУ/ЦСУ сепак не го менуваат ставот за привилегирано партнерство на ЕУ со таа земја, вели канцеларот Ангела Меркел, која е во прва официјална посета на Турција

https://p.dw.com/p/Ac2g
Од прес-конференцијата на Меркел и Ердоан
Од прес-конференцијата на Меркел и ЕрдоанФотографија: AP

Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоан се надева дека во првата половина од наредната година, кога Германија ќе претседава со ЕУ, забрзано ќе продолжи процесот на приближувањето на неговата земја кон Унијата. Германскиот канцелар Ангела Меркел, која денеска ја завршува својата прва службена посета на Турција, вели дека нејзината партија не го менува ставот во однос на членството на Турција во ЕУ, но ќе се придржува кон договореното.

Во фокусот на вчерашните политички разговори на Меркел со премиерот Ердоан и со турскиот претседател Неџат Ахмед Сезер, беа релациите ЕУ – Турција, посебно актуелните проблеми во нив. Турција пред една година го потпиша таканаречениот Анкара-протокол со кој е предвидено да ги отвори своите пристаништа и аеродроми за бродови и авиони од Република Кипар, што практично би значело и признавање на таа држава. Турција одбива да го стори тоа, а Ердоан на прес-конференцијата со Меркел објасни и зошто: „Ние велиме дека мерките што се однесуваат на Кипар не треба да бидат еднострани, туку мора да има чекори од обете страни. Како прво мора да биде укинато трговското ембарго против Северен Кипар. Пред да се случи тоа, од нас не можат да се очекуваат никакви натамошни чекори, тоа не би било праведно“.

Имено, и ЕУ своевремено, кога Турција се согласи со мировниот план на ОН за Кипар, вети укинување на тоа ембарго. Кипарските Турци на референдум го прифатија планот, но не и кипарските Грци, чиј дел во меѓувреме беше примен во ЕУ и сега става вето за укинување на ембаргото за турскиот дел на островот. Меркел излезот го гледа во финскиот предлог за олабавување на ембаргото со отворање на едно пристаниште во северниот дел под меѓународна контрола. Според неа, овој предлог бил благонаклоно примен и од страна на Ердоан.

Меркел од Анкара потврди дека Германија и натаму официјално стои зад договорениот пристап на Турција кон ЕУ, иако нејзината партија не го менува својот спротивен став. Во интервју за Првата програма на германската телевизија таа рече: „Тука воопшто нема никаква промена на гледиштето, туку ставот на партиите на Унијата и натаму е дека ние сметаме оти е поправилно едно привилегирано партнерство со Турција. Но ние во водењето на германската влада имаме принцип - што е исто така правилно - да го продолжиме она што го решила претходната влада, а ЕУ реши да започне преговори за пристап на Турција. Ние, сепак, секогаш велиме дека тие преговори се водат со отворен резултат и решението ќе падне дури на крајот“.

Пристап на Турција кон ЕУ може да биде знак за целиот свет дека различни религии со универзално важечки вредности можат да се усогласат, рече турскиот премиер Ердоан за време на заедничката рамазанска вечера. Тој изрично укажа и дека два ипол милиона Турци кои живеат во Германија треба да си ја задржат својата култура. Политичките партии во Германија, пак, се залагаат за нивна интеграција во општеството, што подразбира и познавање на германскиот јазик или дури и богослужби во џамиите на германски јазик. „Интеграција не значи уедначување во се’, туку значи дека во земјата во која ќе живееш и во иднина, во случајов во Германија, имаш добра шанса за развој“, а јазикот е клучот за тоа, рече Меркел за Првата прогама на германската телевизија.