1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Тероризам

20 години по 9/11: Милитантни исламисти во Германија

Матијас фон Хајн
11 септември 2021

На 20-годишнината од 11 септември над Кабул повторно се вее знамето на талибанците. Експерт на германската криминалистичка служба стравува дека Авганистан повторно може да стане поприште за џихадисти, дури и од Германија

https://p.dw.com/p/408KU
Deutschland Polizei Terrorverdächtiger 2016
Рација против осомничени исламисти во Берлин, во 2016 годинаФотографија: picture alliance/dpa/P. Zinken

Свен Куренбах точно се сеќава на денот кога снимките од разурнатите кули близначки во Њујорк беа на секоја програма, на минутата молк во полицијата во Берлин, каде сите се собраа спонтано во знак на почит. Кога исламистички терористи од патнички авиони направија оружје со кое однесоа 3 илјади лица во смрт, Куренбах уште бил инспектор во специјалната единица во полицијата во главниот германски град. Денес е врховен истражител специјализиран за џихадисти.

Во тоа време исламистичкиот терор не бил поим за безбедносните служби, се потсети Куренбах неодамна на еден настан организиран од медиумската платформа „Интеграција” во Берлин. Само дваесетина службеници во државната безбедност воопшто се занимавалае со таа тема. Од 2019 година Куренбах во Сојузната полиција го води новооснованиот оддел „Исламистички мотивиран тероризам/екстремизам”. Околу 500 полицајци, научници, преведувачи, аналитичари истражуваат, набљудуваат лица од кои произлегува ризик, се обидуваат да спречат напади.

Терористички емират?

Тоа што 20 години по нападите од 11 септември над Кабул и во големи делови од Авганистан повторно се вее знамето на талибанците, е факт кој го загрижува Куренбах: „Стравувам дека талибанците ќе толерираат најразлични терористички организации на своја територија и дека повторно ќе има кампови за обука”, одговара на прашање од ДВ. „Такви отсекогаш имало, особено во пограничниот регион помеѓу Авганистан и Пакистан."

Куренбах посочува на организации кои веќе не се предмет на интерес на јавноста, а уште во самото име содржат врска со Германија, како на пример Германски талибански муџахедини. „Тие уште тогаш снимаа пропагандни видеа во делови каде талибанците донекаде имаа контрола во земјата."

Керстин Еперт забележува дека веќе сега одредени групи во Германија го третираат пропагандистички развојот во Авганистан. Експертката за ислам од Билефелд вели дека влегувањето на талибанците во Кабул било „подарок за движењето во Германија”. По пропаста на Исламска држава (ИД) во Сирија исламистите сега повторно зборуваат за „победа на исламот”.

AP Iconic Images USA New York Anschläge auf das World Trade Center 2001 Flugzeug fliegt ins Gebäude
Исламистички терористи од патнички авиони направија оружје (Њујорк, 11.09.2001)Фотографија: AP

Преку 1000 „ризични“ и „релевантни лица“

Бројот на т.н. „загрозувачи”, односно ризични лица, во делот на исламистички тероризам моментално, според податоци на сојузната полиција, е 554, од кои 90 се во затвор и 136 во не-европски земји, на пример сирискиот бастион на востаниците Идлиб, на северот на земјата. Малку поширокиот поим „загрозувач” опишува лица кои би можеле да сторат „политички мотивирани кривични дела од големо значење”. Дополнително има и уште 527 „релевантни лица”. Тоа се луѓе од околината на загрозувачите за кои властите сметаат дека може да дадат логистичка или друг тип на поддршка при терористички напади. Така погледнато, бројот на исламистички загрозувачи во Германија во споредба со декември 2019-тата е намален за една четвртина. Тогаш сојузната влада во одговор на прашање на пратеничката група на Либералите наведе 679 религиозно мотивирани загрозувачи.

Повеќе:

Германија: Опасност од младите џихадисти

Исламистичките „загрозувачи“- предизвик за правната држава

Исламологот Михаел Кифер потврдува дека од поразот на ИД во Сирија бројот на милитантни сили е намален во полза на класични исламистички мрежи. Но, и Кифер нагласува дека темата ќе остане присутна. А, тоа го покажува и поглед во Извештаите на службите за заштита на уставниот поредок. Пред 20 години темата исламизам уште се наоѓала во делот „Екстремистички и стремежи на странци кои ја загрозуваат безбедноста”. Најновиот извештај пак има сопствено поглавје „Исламизам/исламистички тероризам” и има речиси 70 страници. 

„Војната против теророт“ - мотив за регрутација

Deutschland Sven Kurenbach Kriminaldirektor BKA
Куренбах: Стравувам дека талибанците ќе толерираат најразлични терористички организации на своја територија и дека повторно ќе има кампови за обукаФотографија: DW

Растот на исламистичките струи во светот и во Германија е поврзан со начинот на кој се водеше „Војната против теророт", која пред две децении ја прогласи тогашниот американски претседател Џорџ В. Буш. Бесправниот напад врз Ирак, повторното воведување на измачувањето како метод под разубавениот поим „подобрени техники на испитување", децениско затворање на луѓе без какви било судски пресуди, како на пример во американската база во Гвантанамо, масовни напади од приватни безбедносни компании и реториката на Буш за „крстоносна војна" - сето ова одигра улога во исламистичката пропаганда. „На ова тие се надоврзаа и го доработија наративот за улога на жртва“, објаснува Михаел Кифер. На тој начин тероризмот можеше погрешно да се претстави како одбранбена војна.

Политикологот Јулијан Јунк од Фондацијата за мир и конфликти од Хесен се согласува. „Може да заклучиме дека незаконските методи во 'војната против теророт“ поттикнаа мобилизација на салафистичките и џихадистичките групи“, вели Јунк за ДВ. „Ова искуство на неправда може да придонесе кон радикализација, но ретко кога зад неа се крие само една причина."

Deutschland Berlin Gedenken Opfer Anschlag Breitscheidplatz
Сеќавање на жртвите од нападот на Брајтшајдплац во Берлин: Исламистички атентатор во 2016 година тука уби 12 лицаФотографија: Getty Images/S. Gallup

Интернет, пропаганда, превенција

Јунк посочува и други фактори кои играле улога во последниве 20 години, како на пример технолошката револуција. „Денес, на пример, имаме дронови, интернет алгоритми, можности за брза организација на меѓународно ниво, како и кодирана размена на информации. Сето ова придонесува кон чувството дека постои поголема мобилизација за тероризам, а истовремено расте и стравот од него.“ Но, овие нови технолигии отвораат и можности за превенција на тероризмот или сузбивање со помош на полицијата, вели Јунк.

Превенција - клучен збор. По 2014-тата над 1000 Германци заминале на подрачјето на терористичкиот калифат во Сирија и Ирак за да ѝ се приклучат на „Исламиска држава". Овој бран на „иселување" ги изненади и германските власти, вели експертот за исламизам, Кифер. Заради тоа Германија и сојузните покраини сега вложуваат многу пари во програми за превенција, особено против салафизмот, кој се смета за идеолошка база за милитантни џихадисти. Кифер зборува за сума од над 100 милиони евра годишно.

Салафистите се сметаат и претставуваат како единствени вистински застапници на верата и ги потценуваат другите. Во ова екстремно црно-бело размислување непријателите се демонизирани, а нивната човечност негирана. Особина, која, според Кифер, исламистите ја делат со десничарските екстремисти.