1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Задолжителното тестирање е непријатна, но исправна одлука

29 јули 2021

Невакцинираните граѓани кои се враќаат во Германија наскоро ќе мора задолжително да се тестираат за Ковид. Ова покажува колкава е загриженоста на владата од нов корона-бран, смета Јенс Турау. 

https://p.dw.com/p/3yEwp
Deutschland Grenzkontrollen an der Grenze bei Kiefersfelden
Фотографија: Frank Hoermann/SVEN SIMON/picture alliance

15 инфицирани на 100.000 во седум дена – ова е отприлика ситуацијата со коронавирусот во Германија на крајот на јули 2021. Бројка за која во меѓувреме многу земји, меѓу кои и Франција, им завидуваат на Германците - и покрај тоа што и тука бројките растат, а половина од населението во Германија е целосно вакцинирано и над 61% имаат примено барем една доза вакцина. Вака погледнато, се чини дека Германија ја има под контрола ситуацијата со корона, вклучително и многу заразната Делта варијанта.

Но, изгледот мами. Владата е под пресија. Поради тоа, за сите патници кои по 1 август ќе влегуваат во земјата повторно се воведува задолжително тестирање. И ова веќе не важи само за оние што доаѓаат со авион, туку и за сите што ќе допатуваат со автомобил, освен ако не прикажат доказ дека се целосно вакцинирани. 

Оваа мерка долго време беше извор на контроверзи во Владата. Пред сѐ министерката за правда Кристине Ламберт ја сметаше за претерана. Но, се чини сега преовладува девизата „подобро да се спречи отколку да се лечи“. Институтот „Роберт Кох“, кој е задолжен за контрола и превенција на заразни болести, секој ден регистрира зголемен број на новозаразени меѓу патниците кои се враќаат од одмор. Ова го вклучи алармот во Владата, која сѐ уште има непријатно сеќавање на минатото лето, кога поради ненавремено преземени мерки следеше есен со висока стапка на заразени и уште еден болен и непријатен локдаун.

Kommentatorenfoto Jens Thurau
Јенс ТурауФотографија: DW

Да се избегне нов карантин  

Владата ова сака да го спречи по секоја цена, особено и поради фактот што за крајот на септември се закажани избори. Само да нема повторно ограничување на контакти, затворени театри и клубови, ресторани и кафулиња. И пред сѐ - да им се овозможи на учениците и студентите конечно да се вратат во ученичките клупи и да уживаат во настава со физичко присуство.

Но, загриженоста од повторно зголемување на бројот на заразени е повторно голема бидејќи кај населението опаѓа желбата за вакцинирање. Посакуваната цел од 85% вакцинирани, а кај постарите и до 90% до наесен е речиси недостижна. И во рамки на ЕУ, Германија заостанува на овој план. Мора отворено да се каже дека негрижата на луѓето секој ден ја зголемува опасноста од нов есенски корона-бран во земјата. 

Сепак, владата засега исклучува задолжително вакцинирање за одредени групи како што е во Франција, бидејќи е пред сѐ тешко да се спроведе законски. Затоа се зголемува притисокот врз невакцинираните - онаму каде што е можно. Како на пример сега врз оние кои се враќаат во земјата. 

Задолжителниот тест задоцнет? 

Како ќе изгледа овој задолжителен тест и пред сѐ - како ќе се контролира, се само дел од отворените прашања кои се поставуваат при секое воведување на некоја корона-мерка во овие вознемирувачки времиња. Што ќе биде дозволено, а што не, за вакцинираните и невакцинираните се чини ќе биде главна тема до крајот на летово. Пандемијата не е завршена и продолжува да „диригира“ многу аспекти од нашите животи. Во моментов изгледа дека вакцинацијата е единственото решение. Но, од друга страна, во центрите за вакцинација сѐ повеќе се уништуваат неискористени дози вакцини. 

Големиот процент на луѓе кои не сакаат да се вакцинираат ја покажува поделеноста на општеството и несигурноста на луѓето по година и пол живот во пандемија. Сите апели на политичарите и информативни кампањи не допреа до голем дел од населението. 

Ова е особено разочарувачки ако видите колку малку дози вакцини добиваат луѓето во Африка. Поради тоа, одлуката да се воведе задолжителен тест за сите коишто се враќаат во Германија е исправна. Единственото прашање е зошто Владата чекаше толку долго за да ја воведе оваа мерка.