1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Германија: Тест-вакцина против Ковид-19, резултати во август

ЖА / дпа
19 јуни 2020

Веќе за два месеци можат да се очекуваат први резултати од клиничката студија на вакцина против коронавирус на КјурВак, германска компанија од Тибинген. Доброволци за тестирање има на претек.

https://p.dw.com/p/3e3ON
Spritze mit Impfstoff
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Stolt

Студијата со средство за имунизација на компанијата КјурВак (CureVac) денеска влезе во „жешка" фаза: една доброволка на Униклиниката во Тибинген ја прими првата експериментална вакцина против Ковид-19. Младата жена е задржана во клиниката – 24 часа таа ќе биде под целосен лекарски надзор, нејзината здравствена состојба ја следи лекарски тим, меѓудругото и на монитор, изјави раководителот на студијата, Петер Кремзнер, директор на Институтот за тропска медицина, каде и се тестира средството. „При спроведувањето на студии за вакцина досега никогаш не се случило нешто драматично, но нашата цел е да обезбедиме максимална безбедност", истакна тој за германската новинска агенција ДПА.

Кремзнер очекува првите резултати да бидат познати за два месеци. Уште сега пак, врз основа на извештаите во медиумите, за тестирање на вакцината се имаат пријавено стотици луѓе, се очекува по официјално објавениот повик да има илјадници луѓе спремни да учествуваат во студијата. Во нејзината прва фаза ќе се тестираат 100 здрави лица на возраст меѓу 18 и 60 години. „Доколку со првата доброволка сѐ тече според планот, в понеделник вакцината ќе ја примат следните тројца доброволци, в среда четворица до осуммина и потоа секој ден зголемен број лица", објаснува Кремзнер. Сите тие ќе бидат будно следени, во следниот тек на постапката дозата на вакцината ќе биде зголемена или дури дадена втора вакцина, доколку првата била добро поднесена. Целта на првата фаза на клиничката студија е добивање податоци за подносливоста и за реакцијата на мунолошкиот систем.

Повеќе:

Додека беснее пандемијата, Трамп сака да ја вакцинира Америка прва

Коронавирус: Како стравовите од вакцина стануваат теории на заговор

Тешко до вакцина која сите еднакво ќе ги штити од коронавирусот

Компанијата КјурВак од Тибинген работи со т.н. mRNA вакцини. mRNA е еден вид молекула-пренесувач, каде се содржани „инструкциите" за производство на протеини. Научниците од КјурВак ја „опремиле" mRNA со инструкции за создавање протеин на коронавирус, САРС-КоВ-2. По примањето на вакцината, човековите клетки го создаваат овој протеин, кого телото го идентификува за туѓ, па поради тоа против него создава антитела и одбранбени клетки.