1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германската влада е за отворање ЕУ- преговори со Македонија

22 јуни 2018

Во писмо до германскиот парламент, германската влада оценува дека реформскиот биланс на македонската влада говори во корист на почеток на преговори за членство во ЕУ

https://p.dw.com/p/30558
Deutschland Reichstagsgebäude in Berlin
Фотографија: Imago/A. Prost

Додека сите очи се свртени кон Франција, поради отпорот на Париз кон одредување датум за почеток на преговори со ЕУ за Македонија и Албанија, германската влада денеска отворено застана зад напорите на Скопје да тргне уште еден чекор напред кон Европската Унија.

Во писмо упатено до германскиот Бундестаг од германското МНР од име на Владата во Берлин, се наведува поддршката за одредување датум за почеток на преговори со Македонија на претстојниот ЕУ Совет и самит следната недела.

„Одобрувањето (на одредувањето датум за почеток на преговори, н.з.) ќе биде вистинскиот позитивен сигнал за македонската Влада, која фокусирано го следи реформскиот курс наспроти политичкиот притисок од внатре и однадвор. Сепак, условеноста мора да биде задржана“, се наведува во писмото.
Во делот на условите кои Македонија ќе мора да ги исполни пред да ги отвори преговорите се наведуваат: јасно видливи чекори за враќање на независноста на правосудството, натамошни напори за реформа на јавната администрација, на пример во делот на кадровската политика; како и приоритизирање на борбата против организираниот криминал и корупција; и притоа да се прикажува редовен успешен биланс.

Германската влада во препораките притоа прави и јасна дистинкција меѓу Македонија и Албанија. За Тирана се препорачува условно отворање на преговорите, дури откако ќе се спроведат цела серија реформи. Во однос на Македонија се наведува следново:
„Со оглед на преговарачката состојба во Советот (Советот на ЕУ, н.з.), се залагаме за олеснето отворање на преговорите со ПЈР Македонија во однос на Албанија“. Со други зборови, германската влада потврдува дека отпорот кон Албанија е далеку поголем меѓу земјите-членки на ЕУ, за разлика од Македонија, па во тој дел препорачува, за Македонија да важат полесни услови.

Повеќе: 

Што ветил Мицотакис за договорот со Македонија?

Грција здивна, Македонија пред рампата на Франција

Германија: Насилните демонстрации се причина за загриженост
За потсетување, шефот на германската дипломатија Хајко Мас на заедничката прес-конференција со македонскиот колега Никола Димитров минатата недела јасно укажа дека нема да се дозволи „Македонија да биде колатерална штета“, доколку земјите-членки одбијат да и доделат датум за почеток на преговори на Албанија.

Поддршка за Македонија денеска стигна и од најголемата пратеничката група во германскиот парламент, ЦДУ/ЦСУ на канцеларката Ангела Меркел како и од нивниот коалициски партнери во владата- Социјалдемократите (СПД). Оттаму ги повторуваат забелешките на германската влада и препорачуваат во Македонија да се засилат реформските чекори, особено во делот на правдата, основните права и внатрешната безбедност, а првите поглавја од преговорите да се отворат токму во овие сектори.
„Поглавјата 23 Правосудство и Основни права, и 24- Правда, Слобода и Безбедност, треба да се отворат на самиот почеток на преговорите и да се затворат при нивното завршување“, бараат германските конзервативци и социјалдемократите.
ЦДУ и СПД очекуваат преговорите со Македонија да бидат отворени дури откако ќе бидат исполнети „јасно формулирани услови“.
„Првото поглавје треба да биде отворено дури тогаш кога ќе бидат надминати големи реформски дефицити во областа на судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, како и во јавната администрација“, се наведува во писмото.