1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германска поддршка за развој на македонските региони

Свето Тоевски13 март 2009

Германската влада го поддржува регионалниот развој во Македонија со 2.800.000 евра во првата фаза до 2010. Помошта се одвива преку Друштвото за техничка соработка, ГТЗ.

https://p.dw.com/p/HBO6
Логото на германската Служба за техничка соработка, ГТЗ

На почетокот на март профункционира Центар за рамномерен развој во Полошкиот регион, како втор од вкупно осумте во сите плански региони. Првиот беше отворен минатиот месец во Штип, како центар за Источниот плански регион. Центрите, во улога на генератори на развојот на општините, регионите и на целата земја, се воспоставуваат согласно со законот за рамномерен регионален развој.

Со својата институционална, техничка и финансиска поддршка владата на Сојузна Република Германија е главниот поддржувач на спроведувањето и политиката на рамномерен развој на четири од осумте плански региони: Источниот, Полошкиот, Југозападниот и Југоисточниот регион. Тие опфаќаат 43 општини со 888 илјади жители. Уште од 2007 година фигурираат неколку проекти како особено успешни, кои се развиваат со германската помош: општинскиот економски развој на Тетово и развивањето на туристичките потенцијали на Охрид, Струга, Вевчани и Дебарца.

ГТЗ како посредник

Активностите во рамки на програмата, чија прва фаза ќе трае до декември 2010 година, а втората до крајот на 2012 година, се насочени меѓу другото и кон обезбедувањето политика за развој, усогласена со политиките на Европската Унија. За спроведувањето на првата фаза од оваа програма Владата на Германија ќе обезбеди 2 милиона и 800 илјади евра, врз основа на договорот потпишан меѓу германското Друштво за техничка соработка – ГТЗ и македонското Министерство за локална самоуправа.

Tetovo,eine Stadt in Mazedonien,Panorama
Тетово спаѓа во еден од регионите, што ги поддржува германската владаФотографија: AP

Какво е практичното значење на оваа помош од Германија – Дојче Веле ја праша Душица Перишиќ, техничката директорка на Заедницата на општините на Македонија. Таа вели: „ГТЗ се фокусира кон тоа да им помогне на општините во одредени региони и ги тренира уште од самиот почеток да изготвуваат проекти. Општините така се учат дека треба да подготвуваат добри проекти, со кои ќе конкурираат на разни места и ќе можат да добиваат грантови од разни донатори “.

Љубомир Јанев, градоначалникот на Кочани и претседател на Источниот плански регион, дополнува: „Во целост можеме да кажеме дека овој проект за нас, како општини, е од огромно значење, бидејќи го воспостави системот на регионалниот развој во Македонија. Натаму, се создадоа менаџери за регионален развој во општините, на ниво на регионот. Сега сметам дека и со постоење и на законот за рамномерен регионален развој, ова е добра основа за развој на регионите.“

Stip, Mazedonien
Источниот регион, во кој спаѓа Штип, исто така профитира од помоштаФотографија: Petar Stojanovski

Македонската влада ќе издвои 5 милиони евра

Хазби Лика, градоначалникот на Тетово и претседател на Полошкиот плански регион, нагласува дека е од клучно значење оспособувањето на планските региони и на нивните центри за рамномерен регионален развој. „Општинските буџети не се неограничени, тие се мали во сразмера со потребите на граѓаните “.

Македонската влада веќе ги одобри првите пари за функционирање на осумте центри – околу 1 милион и 100 илјади денари. Во наредните 5 години ќе ги поддржува финансиски со 50 отсто од нивните потреби. За финансирање проекти за рамномерен регионален развој владата преку Министерството за локална самоуправа ќе издвои за тековнава 2009 година вкупно околу 5 милиони евра. За март е најавено финализирање на националната стратегија, како основен документ, кој што ќе понуди рамка за полицентричен, интегрален и избалансиран развој на државата.