1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германскиот извоз и пркоси на кризата

АТ/ ртр/ дпа/ дапд9 јули 2012

Германскиот извоз и се спротивставува на должничката криза во еврозоната со позитивни резултати. Благодарение на порастот на побарувачката во светот извозот на германски производи во месец мај забележа значителен пораст.

https://p.dw.com/p/15U7X
Фотографија: picture-alliance/dpa

Германскиот извоз порасна во мај годинава наспроти стравувањата дека земјата може да биде зафатена од рецесијата во еврозоната. Сојузното биро за статистика во Визбаден соопшти дека извозот во мај годинава пораснал за 3,9 проценти и достигнал вкупно 93,5 милијарди евра. Извозот во земјите на еврото, кои се борат против рецесијата е намален за 2,3 проценти, но затоа е зголемен за земјите надвор од Европската унија, односно во САД, Кина и Бразил за 3,4 проценти.

Истовремено пораснал и увозот за 6,3 отсто, и севкупно изнесувал 78,5 милијарди евра. Суфицитот во трговската размена изнесувал околу 15 милијарди евра.

Стопанството меѓутоа мора да смета дека наредните месеци е можно забавување на порастот. Имено многу трговски партнери во еврозоната стојат на работ на рецесија или веќе се во рецесија. Дури и во земјите во подем, каде германските извозници го зголемија експортот, се регистрира слаб развој: Кинеското стопанство се очекува годнава да забележи толку спор пораст каков што не забележало од 1999 година. За да ја поттикне конјунктурата Кина во рок од неколку недели двапати ја намали каматната стапка.

Реслер се придржува до конјунктурната прогноза

Германскиот министер за економија Филип Реслер оценува дека постојат опасности за германското стопанство,  поради кризата на еврото. Затоа Реслер се залага за олеснувања за претпријатијата. Германската влада и натаму смета дека годинава во земјата ќе биде забележан стопански пораст од 0,7 проценти. Министерот Реслер не очекува пад на конјунктурата ниту во 2013 година.