1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германскиот претседател поднесе оставка

17 февруари 2012

По барањето на јавното обвинителство за укинување на неговиот имунитет, германскиот претседател Кристијан Вулф денеска (17.02) поднесе оставка на функцијата.

https://p.dw.com/p/144hJ
Кристијан Вулф и неговата сопруга Бетина денеска во БерлинФотографија: Reuters

На Германија и‘ е потребен претседател „кој зад себе има не само мнозинство, туку широко мнозинство на граѓани“, рече Вулф во кусата изјава во Берлин, додавајќи дека развојот на настаните од изминатите денови и недели покажал дека довербата и со тоа неговите можности за делување се трајно нагризани. Што се однесува до обвинувањата на негова сметка, Вулф нагласи дека на своите функции постојано коректно се однесувал и дека извештаите во медиумите го повредиле и него и неговата сопруга.

Германската канцеларка Ангела Меркел за еден ден ја одложи за денеска планираната посета на Рим и средбата со италијанскиот премиер Марио Монти. Меркел телефонски му ја соопштила ваквата одлука на Монти, пренесоа германските новински агенции, повикувајќи се на владини извори.

Од кругови на владејачката коалиција во земјата уште пред официјалното објавување на оставката за германските агенции беше пренесено дека партиските лидери на Христијанско-демократската Унија, Ангела Меркел, на Христијанско-социјалната Унија, Хорст Зехофер и на Либералната партија, Филип Реслер, утре во Берлин треба да одржат вонредна средба за да разговараат за новонастанатата ситуација. Притоа, се очекува веќе да се зборува за кандидат за наследник на Вулф. Важно е владејачката коалиција да го направи првиот предлог, беше кажано од кругови блиски на владината коалиција, кои уште истакнаа дека постои и подготвеност да се бара и заеднички кандидат со опозицијата.

Christian Wulff vor dem Rücktritt?
Тврди дека се однесувал коректно на сите функции - Вулф со недели е под притисокФотографија: picture-alliance/dpa

Претходно и од опозицијата за првпат се слушнаа јасни гласови за оставка на претседателот, кој од ноември наваму е цел на критики во јавноста поради преблиски односи со бизнисмени од земјата.

Јавното обвинителство во Хановер вчера направи чекор без преседан во германската историја и побара укинување на неговиот имунитет, бидејќи, како што соопшти, постојат првични индиции за можна злоупотреба на функцијата. Барањето за укинување на имунитетот требаше да претставува прв чекор во насока на отворање официјална истрага за можна корупција, која според последните информаци најверојатно ќе почне формално веќе утре (18.02). За укинување на имунитетот на Вулф треба да гласа Бундестагот. Доколку сојузниот германски парламент го прифати барањето на обвинителството, Вулф ќе стане првиот германски претседател во историјата кој се соочил со кривична истрага.

Автор: СН/ ЕМФ/ дпа/ ртр/ дапд/ афп

Редактор: Александра Трајковска