1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германскиот спорт го има под контрола проблемот со допингот

18 февруари 2004

Смртни случаи на спортисти, како последниот со италијанскиот велосипедист Марко Пантани, постојано ги потхрануваат гласините за спортот како мочуриште на дрога и допинг. Такви појави навистина има, но тоа не смее да води во заблуда - како што покажува и германскиот допинг-биланс за 2003-та година, што беше претставен во Бон.

https://p.dw.com/p/Aeo8

Германскиот спорт го има под контрола проблемот со допингот - барем што се однесува до олимписките спортови: лани, од 7800 извршени проби, се откриени само 38 случаи на користење недозволени супстанци. Таквата квота е веројатно најниска во светот, а згора на тоа, иста беше ситуацијата и во 2002-ра година. На меѓународен план, во 7600 контроли на странски спортисти, извршени од германските институти во Келн и Крајша - признанени од Интернационалниот олимписки комитет (ИОЦ), квотата на откриени случаи е речиси трипати повисока.

Најголеми грешници во Германија беа и остануваат боди- билдерите. Во тој неолимписки спорт речиси 16 насто од пробите се позитивни.

Минатата есен од САД како бауч се прошири веста за заразеност на врвниот спорт во светот со супстанцата ТХГ (тетрахидрогестринон), која не се наоѓаше на списокот на недозволените средства. На неколкумина истакнати атлетичари и надвор од САД им беше припишана злоупотреба со ТХГ. Но, дополнителните анализи кај далеку повеќе од три илјади претходно извршени тестови во Германија не донесоа ниту еден позитивен наод. Овде тие што посегнуваат по допинг користат вообичаени средства. "Нема мода, ако се исклучи дизајнер-дрогата ТХГ, која е произведена - и за среќа и чие користење останува ограничено на САД. Инаку, најупотребувани се секогаш истите средства - анаболика и стимулатори" - констатира професор Клаус Милер од Крајша, еден од светски реномираните допинг-контролори. Последните години многу се слушаше и за ЕПО (еритропоиетин), средство покарактеристично за спортовите во кои се бара голема издржливост. Во Германија пробите беа негативни, што на професор Милер сепак не му дава гаранција дека тоа зло исчезнало од врвниот спорт.

И кај ген-технички манипулираниот хормон на растот ХГХ е можно сторителите да се еден чекор пред полицијата. На 6 месеци пред олимпијадата во Атина контролори како професор Вилхелм Шенцер од Анти-допинг лабораторијата на Германскиот факултет за спорт во Келн, намерно избегнуваат конкретни искажувања: "Ние се' уште не знаеме дали за прв пат ќе се вршат тестови и за злоупотреба на хормони за растење. Ние тоа нема 'на големо' да го објавиме, па спортистите мора да сметаат на голема несигурност, што од мој агол на гледање е многу добро". Берлинскиот биохемичар доктор Штрасбургер, по една долга и компликувана фаза на тестирања, успеал да развие сигурен метод за докажување манипулации со ХГХ. Потребно е само постапката да ја одобри ИОЦ. Во секој случај, извештајот докажува дека Германија досега го дава својот придонес за фер спорт, во голема мера ослободен од допинг.