1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Тероризам

Нарушен угледот на германските безбедносни служби?

23 декември 2016

Осомничениот атентатор од Берлин им бил познат на безбедносните служби. Но само поради тоа да се зборува за нивно потфрлање, би било премногу лекомислено, смета Марсел Фирстенау.

https://p.dw.com/p/2Ulyf
Symbolbild Polizei Deutschland
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Stein

Актуелната ситуација околу осомничениот атентатор врз божиќниот пазар во Берлин, Анис Амри, наизглед им дава право на оние кои веруваат дека германските безбедносни органи се способни за сѐ, само за едно не: да се грижат за безбедноста. Кој размислува така, најнапред треба да биде потсетен на тоа дека Германија долго време остана поштедена од терористички акт со многу мртви. Сојузната служба за борба против криминалот (БКА) во пролетта годинава објави листа со 11 спречени напади. Меѓу нив е и таканаречената „група Зауерланд“, која беше разбиена во 2007 година, и за која можеше да се докаже дека планирала разурнувачки напади со експлозив. Членовите на групата беа осудени на долгогодишни затворски казни.

Да, притоа се имаше и среќа. Како во случајот со таканаречените „Келнски куфер-бомбаши“, чија домашно направена бомба не експлодираше поради грешка во изработката. Како успех - и покрај сите грешки - може да се вреднува и апсењето на осомничениот терорист Џабер ал-Бакр, кој кратко потоа си го одзема животот во затвор. Сите собрани сознанија за неговите активности водеа до заклучокот дека овој Сириец со бегалски статус во Германија планирал атентат.

Никој не смее да биде уапсен поради неговите убедувања

Ваква претпоставка безбедносните служби следеа и во случајот на Тунижанецот, Анис Амри, кому му било одбиено барањето за азил во Германија. Тој бил под надзор половина година, но не можело да се докаже дека планира каков било деликт. Затоа истрагата била прекината. Веќе и поради самиот долг надзор може  да се појде од тоа дека службите делувале секако само не непромислено. Се разбира дека со оглед на атентатот во Берлин е неверојатно трагично, дека Амри во недостаток на докази не можело да биде уапсен, но никој не смее да биде приведен или пак осуден само поради неговите убедувања.

Тоа се нарекува правна држава и тоа мора безусловно да биде задржано, затоа што, сѐ друго би било дополнителен триумф на терористите над вредностите какви што се слободата и човековите права. Нивната цел, да внесат огромна несигурност во отвореното општество, веќе ја постигнаа - барем за момент. Германија не треба на овие перверзни злосторници исполнети со омраза уште да им направи услуга, со тоа што сопствените безбедносни служби ќе ги озлогласи како безбедносен ризик. На грешките мора да се укаже и тие мора да бидат поправени, но да се става сето под прашање би било неодговорно и популистички.

Масакрот во Ница се случи и покрај важечката вонредна состојба

Како Анис Амри, ако тој е атентаторот, требаше да биде спречен во спроведувањето на неговиот план? Со неограничено затворање без правна основа? Тогаш во Германија би имале вонредна состојба, каква што е во сила во Франција по нападите во Париз во ноември 2015 година. Тоа не помогна, ако се помисли само на нападот во Ница во јули годинава. Масовно убиство, кое очигледно служело како стравичен пример за атентатот врз божиќното пазарче во Берлин.

За жал, на напади со ваква димензија мора да се смета во секое време. Само бројот на таканаречени „исламистички загрозувачи“, објавен од безбедносните служби, се движи во стотици. Сите тие да бидат под надзор 24 часа е невозможно. Значи, во визир се земаат оние за кои најмногу се знае. Колку и да звучи како парадокс во актуелната вжештена клима: Анис Амри дури е и добар пример за тоа, колку ефикасни можат да бидат полицијата и службите за заштита на уставниот поредок. 

Тој бил долго на нивниот радар. Според сѐ што е досега познато, тој исчезнал од нивниот видокруг не поради нивната неспособност, туку бидејќи немало доволно факти за планирање напади, за тој да може да биде приведен. Дури ако во текот на актуелната истрага тоа се покаже како погрешно, германските безбедносни служби ќе мора да ги прифатат обвинувањата за неспособност.