1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германските „волчји деца“: заборавените сираци од војната

Фолкер Вагенер
24 февруари 2018

Принудени на бегство од Источна Прусија во Литванија по крајот на Втората светска војна, овие деца-сираци преживеја глад, болести и губење на идентитетот. Нивната судбина долго беше премолчувана од германската држава.

https://p.dw.com/p/2mxQy
Eine Szene des Kinofilms "Wolfskinder"
Фотографија: picture-alliance/dpa

Беа босоноги и имаа вошки. Мора да било некаде во април 1946 година, но Ерика Сметунус веќе и не е толку сигурна околу датумите. Нејзината мајка не ја преживеала војната, нејзиниот татко исчезнал. Сметунус била сосема сама кога започнал големиот прогон и егзодус на источните Пруси, а десетици илјади Германци заминале западно од тогашниот Кенигсберг (денешен Калининград). 11-годишното девојче беше во очај откако го загуби и својот брат во налетот на Црвената армија.
Благодарение на едно постаро момче успева да стигне до Литванија каде е посвоена од еден брачен пар. Со нив останала со децении.

Сметунус е една од ткн. „волчји деца“ ("Wolfskinder") - германски деца сираци од Втората светска војна во Источна Прусија, регион на Балтичкото море кој беше германска територија меѓу двете светски војни, а денес е поделен меѓу Русија, Полска и Литванија. Нема точна проценка за бројот на волчји деца. Некои извори тврдат дека имало околу 25 илјади деца кои лутале по шумите и мочуриштата на Источна Прусија и Литванија по 1945 година. На Русите им било забрането да им помагаат на „фашистичките деца“.
На децата им било речено да одат во Литванија каде ќе најдат храна. Оние кои имале среќа, наидувале на помош од мештаните на патот низ балтичките држави. Некои мештани пред своите куќи оставале кофи со супа пред своите врати. Доколку децата немале среќа, мештаните им ги пуштале кучињата.
Помалите деца биле полесно вдомувани од постарите. Момчињата и девојчињата кои не успевале да најдат дом спасот го барале во шумите. А дури и оние кои успевале да најдат кров над глава не знаеле колку ќе трае тоа. Мариане Бојтлер, која тогаш имала десет години, била прифатена од литвански земјоделци за им помогне во чувањето на нивните деца, но по шест месеци била избркана.

Deutsche Wolfskinder in Litauen – Blick ins Fotoalbum von Luise Quietsch (Luise Quietsch)
Луизе Квич, волчјо дете, пред семејната куќа во Источна Прусија каде живеела со родителите.Фотографија: Claudia Heinermann

Без име, без јазик и без идентитет

Сепак, во тие шест месеци успеала да научи литвански- клучен предуслов за преживување. Зборувањето германски било забрането. Тоа не само што ги загрозувале волчјите деца, туку и семејствата кои ги прифаќале. Дури и германските имиња биле ризични. Мариане станала Нијоле. Ретките остатоци од семејната меморија кои сираците ги понеле со себе кога избегале- фотографии, писма, адреси на роднини- им биле одземени од „новите родители“ и уништени. Губењето на идентитетот била цената за преживување.
Иако животот за волчјите деца беше тежок во Литванија, сепак  беше далеку подобар од судбината која ги очекуваше оние кои не успеаја да стигнат до балтичките држави. Илјадници деца беа испратени во советски домови управувани од воената администрација.
Многу од нив подоцна беа вратени во советската окупациска зона, која подоцна стана Германска демократска република. Таму биле сместени во сиропиталишта или посвоени од видни комунисти.

Deutsche Wolfskinder in Litauen – Blick ins Fotoalbum von Luise Quietsch
Во семејството во Литванија кое ја посвоило, Луизе станала Алфреда.Фотографија: Luise Quietsch

Потфрлање на политиката

Долго време, политичарите го игнорираа страдањето на волчјите деца. Дури во летото 2016 година, Бундестагот одлучи да им плати отштета на принудните работници. Но, волчјите деца, повторно беа заборавени. Кога Литванија избори независност во 1990 година, возрасните волчји деца земаа литванско државјанство- па поради тоа долго време беа одбивани нивните барања за германски пасош. Оние кои сакаа повторно да станат Германци мораа да минат низ долг и компликуван процес на натурализација.
На воените сираци им беше одбиено и правото на германска пензија. Литванија, сепак, им плаќаше барем мала пензија.
Ерика Сметунус никогаш повеќе не го видела момчето со кое избегала во Литванија во 1946. Но, успеа да го најде својот постар брат 40 години подоцна, а успеала да си го пронајде и татка си. Но, не сите биле толку успешни во потрагата по своите најблиски. Многумина не успеаја да си го остварат сонот за наоѓање нов дом во Германија.
Руди Херцман, кој долго го идеализирал животот во Германија, доживеал вистински кошмар по враќањето. Кога конечно успеал да дојде во татковината, сфатил дека тоа повеќе не е неговата земја. Долго се обидувал тука да си создаде дом. Но, по 13 години се вратил во Литванија- земјата која прва го прифати.