1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германските компании ги почитуваат човековите права само дома

М. Герке/Б. Георгиевски28 февруари 2014

Германските компании во својата земја стриктно ги почитуваат човековите права. Но, кога работат во странство на прво место им се бизнис интересите, а човековите права не играат улога.

https://p.dw.com/p/1BHQc
Фотографија: Getty Images

Германија е земја која е сиромашна со природни богатства: јаглен за термоелектраните, метали како бакар, железна руда, челик и кобалт за електро и автоиндустријата, сето тоа земјата е принудена да го увезува. Тука спаѓаат и текстилот, кафето, овошјето кои се увезуваат од најразлични земји во светот. Притоа, германските компании често непосредно ги кршат човековите права, се наведува во извештајот на невладините организации Мисереор и Џерманвоч.

„Се работи за тоа дека компаниите треба да преземат одговорност за она што се случува во текот на целиот производен процес. Претприемачите се одговорни и доколку профитираат од тоа што некои влади ги кршат човековите права“, вели за Дојче веле Корнелија Хајденрајх од организацијата Џерманвоч, која е ко-автор на студијата „Глобалниот бизнис и човековите права“. Со студијата се опфатени 30 германски фирми кои се наоѓаат на берзанскиот индекс DAX.

Сериозни дефицити

Резултатите се разочарувачки. „Свеста за тоа дека човековите права мора да се почитуваат е висока. Но кога се работи за примената, се јавуваат сериозни дефицити“, вели Хајденрајх. Најдобар пример за тоа е увозот на камен јаглен од Колумбија. Рударството во оваа јужноамериканска држава е тесно поврзано со најгрубо кршење на човековите права, прогон на синдикатите и на домородните народи.

Сличен е случајот со големите супермаркети кои се до толку надмоќни што можат во голема мерка да им ја диктираат и цената на добавувачите. Локалните производители на јужно овошје поради оваа агресивна политика на формирање на цените, честопати се доведени до работ на банкрот. Студијата опфаќа неколку произведувачи на банани од Еквадор кои се жалат на агресивното намалување на цените од страна на германските фирми. На крајот, страдаат работниците на кои им се намалуваат и онака мизерните плати.

Obst Früchte Großhandel Markt Mango, Ananas, Orange
Германските супермаркети вршат притисок врз странските произведувачи на овошјеФотографија: picture-alliance/dpa

Од Германското здружение за поттикнување на стопанството за ДВ тврдат дека тие за кршењето на човековите права дознале од медиумите. Директорот на здружението Дирк Борман потенцира дека и германските фирми имаат обврска да се придржуваат до правилникот за кршење на човековите права, а истото важи и за добавувачите.

Советот за заштита на човековите права на ОН уште во 2011. едногласно ги прифати насоките на ОН за економијата и заштитата на човековите права, во кои е јасно дефинирано дека не се само државите тие кои треба да ги штитат човековите права, туку и компаниите. И тоа, без разлика на големината и местото на делување. Насоките исто така предвидуваат дека жртвите на кршењето на човековите права можат да ги тужат одговорните компании за отштета.

Новата коалициска влада на ЦДУ и СПД во Германија, во меѓувреме се обврза дека ќе создаде законска основа со која насоките на ОН ќе станат обврзувачки за фирмите.