1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Германските медиуми создаваат лажна слика за Полска“

Розалија Романиец/ сн17 јуни 2016

Германија и Полска денеска славаат 25 години добрососедство. Но полскиот министер за надворешни работи Витолд Вашчиковски во интервју за ДВ вели дека во Германија и натаму во преден план се клишеата за Полска.

https://p.dw.com/p/1J8bk
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Pleul

ДВ: 24 години по потпишувањето на германско-полскиот договор за добрососедство, некои политичари од владејачката партија во Полска сметаат дека има смисла одново да се преговара за него. Што во договорот не ѝ се допаѓа на Полска?

Витолд Вашчиковски: Мора да се воспостави поголема симетричност- кај правата на германското малцинство во Полска и Полјаците кои живеат во Германија. Сакаме тие да бидат воедначени, на пример, полските деца во Германија полесно да можат да го учат својот мајчин јазик. Во 1991 година тоа не беше во преден план, зашто тогаш нам главна цел ни беше да пристапиме во западните структури. Договорот го сметавме за важен чекор на патот кон НАТО и ЕУ, а Германија ја сметавме за поддржувач на нашите амбиции.

Дали правата на Полјаците во Германија денес се навистина најважната билетарелна тема?

Мораме отворено да разговараме за тоа. Не мора веднаш да се расправаме. Ние сакаме Полјаците во Германија да добијат статус на малцинство, како пред 1940 година. Најважно денес е меѓутоа прашањето на имиџот: Германските медиуми, според мое мислење, не пренесуваат објективна слика на Полска. Можеби тоа се должи на различните состојби на знаењето. Ние имаме многу експерти за германско-полските односи и за Германија. Наспроти тоа, во Германија недостасува една таква експертиза за Полска, иако нешто се има променето. Стереотипите и натаму играат голема улога и кога медиумите ќе воспостават некој тренд тешко е да се промени. Кога владее определена нарација, добрите вести и поинаквите мислења немаат никаква шанса. Полска е и останува демократска земја, каде по нормални избори дојде до промена на власта, а општеството го акцептираше тоа. Сепак, еден дел од германските медиуми создава лоша, ажна слика за Полска. Како Полска да е антиевропски настроена.

Германските медиуми го пренесуваат она што со месеци на азад го гледаат на полските улици: илјадници луѓе кои демонстрираат за демократија.

Тоа е мала група. Неколку илјади незадоволни во двомилионски град како Варшава не е голема бројка. Во Франција или на други места исто така илјадници излегуваат на улица, атомските централи и подземните железници се блокирани од штрајкови. Полска, значи, не е исклучок. Граѓаните имаат право да го кажат своето мислење. Тоа покажува дека демократијата функционира.

Interview mit Witold Waszczykowski
Витолд ВашчиковскиФотографија: MSZ

Зшто токму сега во Германија би се пренесувала негативна слика за Полска?

Ние се навикнавме на тоа, актуелните германско-полски односи да ги означуваме како најдобри во историјата. Притоа, претходните влади гледаа на овие односи релативно некритично. Се разбира, во историјата речиси и да немало период кога тие биле толку добри, пријателски и насочени кон соработка како денес. Но кога зборуваме за посебноста на овие односи, не смееме да ги затвораме очите пред фактот дека имаме различни ставови. Тоа е возможно кај партнерите. Не сакам меѓутоа да зборувам за разликите. Со Германија нѐ поврзува зрело партнерство, во кое отворено зборуваме за разликите. Некои медиуми, за жал, тогаш го вклучуваат алармот, како ние да сакаме да ги уништиме односите. Притоа има објективни разлики - во безбедносната, енергетската, економската политика. Кога ние сега укажуваме на разликите, некои во Германија се чувствуваат непријатно, зашто ние имаме сопствена енергетска политика и поинакви интереси од Западна Европа. Различните интереси имаат своја причина: Полска има поинаква географска положба и поинаков однос кон Русија.