1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германските менаџери се се‘ поголеми песимисти

ЖА/дв/дпа27 август 2012

Климата во германското стопанство четврт месец по ред се влошува. Се‘ помалку менаџери веруваат дека германското стопанство може да се спротистави на надолниот тренд во Европа.

https://p.dw.com/p/15xNp
Фотографија: Fotolia/P.Fleet

Деловната клима во Германија во август неочекувано силно е влошена, покажа денешниот извештај на влијателниот институт Ифо, најважниот показател за најголемата европска економија.

Индексот на деловната клима, кој го изработува реномираниот институт во август се спушти на 102,3 поени. Ова е најниско ниво од март 2010-та година, кога падна на 102,0 поени.

Падот на индексот четврти месец последователно укажува на загриженоста меѓу деловните лидери во врска со должничката криза која се‘ повеќе ја тресе еврозоната.

Се‘ поголем број експерти се убедени дека Германија нема да биде одмината од последиците на еврокризата. Намалување веќе бележат извозот и производството, се намалува бројот на склучени нови договори во индустријата. Резултатот на тоа може да биде поголемо влијание, отколу што се очекуваше, врз германскиот стопански развој во втората половина од годинава, предупредува и Бундесбанката. Пролетоска брутодомашниот производ на земјата се зголеми за 0,3 проценти, а на почетокот на годината тој беше поголем за 0,5 насто.

Институтот врши месечно испитување на деловната клима во околу седум илјади фирми. Расположението е намалено како во градежништвото, кај услужните дејности, така и кај трговијата на мало и на големо. Само во индустријата индексот на деловната клима бележи мало зголемување по три месеци паѓање.