1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Култура

Германските музичари позитивно изненадени од Македонија

Димитра Кирануди / ЕМФ
28 август 2018

Младинскиот оркестар Хохрајн во Струга и Охрид одржа неколку концерти и се обиде да ја запознае Македонија колку што е можно подобро. Следна станица на оркестарот беше Солун.

https://p.dw.com/p/33tDg
Reise des Verbandsjugendorchester Hochrhein nach Struga und Thessaloniki
Фотографија: Verbandsjugendorchester Hochrhein

Свиреа во Струга, Охрид и Солун, ја запознаваа културата на Македонија и Грција, видоа историски споменици, национални паркови, запознаа мештани - 65 млади музичари од Германија две недели беа на турнеја која нема брзо да ја заборават. Младинскиот оркестар Хохрајн одлучи оваа година својата летна турнеја да ја оствари на југот на Европа. Во фокусот беа не само концертите и музичките доживувања, туку и културната размена со врсниците од Македонија и Грција. Целта е да се создаде подлога за подлабоко разбирање на луѓето од другите култури и нации.

Зошто токму Македонија? Диригентот на младинскиот оркестар Хохрајн, Џулијан Гибонс, за ДВ вели:

„Младите треба да дојдат овде и да видат... Мешавина од култури - Македонци, Албанци, Срби, мешавина од православната христијанска вера и исламот, а сите живеат толку близу заедно. Тоа е искуство и поука за сите во вакви времиња полни со тензии меѓу исламскиот и христијанскиот свет. За младите во Германија, каде главно има христијанска култура, е добро да видат како христијаните и муслиманите живеат едни до други.“

Reise des Verbandsjugendorchester Hochrhein nach Struga und Thessaloniki
Со музиката може да се комуницира без зборовиФотографија: Verbandsjugendorchester Hochrhein

Искуството и впечатоците на младите германски музичари од земјата чиј јазик не го зборуваат и која веројатно не би ја одбрале „од прва“ за своја дестинација, е позитивно, уверува директорот на младинскиот оркестар, Роман Литин:

„Членовите се позитивно изненадени, пред сѐ затоа што Македонија во Германија и не е некоја врвна туристичка цел. Меѓутоа, земјата нуди неверојатно многу. Има неверојатно богата историја, се разбира и туризам, но значително помалку отколку во Грција. Има многу убави места, извонредни национални паркови... Има многу работи кои се вредни да се видат. Особеното на идејата за турнеите на младинскиот оркестар е да се бараат места кои вообичаено не би се одбрале за патување и на тој начин да се шират хоризонтите на музичарите.“

На тој начин еден непознат агол на Европа за младите Германци станува место кое можеби повторно би го посетиле и би сакале повеќе да го запознаат.

„Ова ми е првпат и навистина се радував, зашто Грција и Македонија можеби не се земји кои инаку би се одбрале за патување. Јас не познавам никого од моите пријатели и познаници кои на пример биле во Македонија на одмор, па се радувам што ние имаме можност да ги видиме овие две земји“, изјави за ДВ Алена Ундердорен, а Шарлоте Штиц, која повеќе години патува на турнеи со младинскиот оркестар, вели:

„Со музиката може да комуницираш без зборови, а да кажеш многу работи што на друг начин не би можел. Можеш многу да дадеш, но и да добиеш. Со заедничките доживувања може многу да се научи еден од друг, еден за друг, може да се живее заедно и тоа многу им помага на народите. Кога си на лице место и ги запознаваш луѓето и нивниот начин на живеење, учиш работи кои инаку не би ги знаел за земјата. Тоа е добар чекор за запознавање и те мотивира повторно да дојдеш.“

Reise des Verbandsjugendorchester Hochrhein nach Struga und Thessaloniki
Членовите на младинскиот оркестар Хохрајн на ГаличицаФотографија: Verbandsjugendorchester Hochrhein

Турнејата на Младинскиот оркестар Хохрајн заврши вчера, а на почетокот на септември младите музичари веќе повторно свират дома, во Шварцвалд. На најавата за концертот по повод 750-годишнината од основањето на местото Тотмос, меѓу другото, е наведено дека оркестарот се враќа од турнејата по Македонија и Грција и се нагласува дека посетителите на концертот ги очекуваат „импресиите на музичарите од патувањето и богата програма“.