1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германските пратеници ја чекаат новата влада

Марсел Фирстенау/ Жана Ацеска22 ноември 2013

Германскиот парламент беше конституиран уште пред еден месец. Но, пратениците ќе почнат да заседаваат дури следната година, зашто уште нема нова влада. Дотогаш, државата мора да се снаоѓа.

https://p.dw.com/p/1AMTZ
Фотографија: picture-alliance/dpa

И по два месеци по изборите, Германците и натаму чекаат на новата влада. Чекањето веројатно ќе потрае дури до Божик. Една недела пред празникот, Ангела Меркел би требало третпат да биде избрана за канцеларка, на 17. декември, под услов да биде постигнат договор за голема коалиција меѓу Христијанско-демократската и Христијанско-социјалната унија и Социјалдемократската партија. Во таков случај, Партијата на зелените и Левицата би биле опозиција.

Додека да се формира влада, Парламентот е ограничен во своите функции или воопшто не може да ги извршува: контрола на владата и усвојување закони. Теоретски, тоа е можно, но практично, не се случува речиси ништо. Зашто, ниту една партија се‘уште не е апсолутно сигурна каква ќе и‘ биде идната улога и какви компромиси евентуално ќе треба да направи.

За важните прашања се одржуваат вонредни седници

Оваа неизвесност е причината за неактивноста на Бундестагот.Тој е конституиран уште на 22.октомври, точно еден месец по парламентарните избори, зашто тоа е максималниот рок кој го дозволува уставот. 631 -от пратеник оттогаш речиси немаат работа, ако се мисли на онаа класичната што треба да ја вршат.

Bundestag konstituierende Sitzung 22.10.2013 Symbolbild Parteien
Се‘уште во неизвесностФотографија: Getty Images

Навистина, на 18. ноември беше одржана вонредна седница на барање на Партијата на зелените. Единствена точка на дневниот ред беше дебатата за шпионските активности на американската тајна служба НСА, на чија мета се нашол дури и мобилниот телефон на канцеларката Меркел. Ангела Меркел ја искористи приликата за да зборува за самитот на ЕУ во Вилнус, а кратко се осврна на аферата со прислушување од страна на НСА. И тоа беше се‘.

За итни случаи - Главна комисија

За функционирањето на Бундестагот, освен пленарните седници, важна улога имаат бројните комисии. Во нив седат стручњаци од пратеничките групи за различни прашања, како финансиите, здравството или образованието. Пратениците во овие комисии создаваат основа за идните законски решенија, им препорачуваат на своите партиски колеги дали да ги поддржат законските предлози од конкретната област.

За во дадените услови да се задржи минимум способност за функционирање, на вонредна седница на 28. ноември, на барање на ЦДУ/ЦСУ и СПД треба да биде формирана т.н. Главна комисија. Тоа го најави претседателот на германскиот парламент, Норберт Ламерт. Задачата на оваа Главна комисија би била првенствено зафаќање со теми за кои постојат неодложни рокови и подготвување на потребните законски мерки за нив.

Bundestag konstituierende Sitzung Plenarsaal 22.10.2013
Конститутивна седница, а потоа затишјеФотографија: Odd Andersen/AFP/Getty Images

Парламентот мора да гласа за мисиите во странство

На пример, германските пратеници мора да го продолжат мандатот за воените мисии на Бундесверот, кој истекува на крајот на годината. Бидејќи Бундесверот е она што се нарекува „парламентарна војска“, неговите припадници можат да одат на Балкан или на пример во Авганистан само со согласност на пратениците.

Значи, Главната комисија би требало привремено да ја преземе целата работа на посебните парламентарни комисии, како што најави претседателот на Бундестагот, Ламерт. Посебните стручни комисии уште нема да бидат формирани, затоа што влада се‘уште нема. Имено, работата на стручните комисии во парламентот ја рефлектира работата на владата, а распределбата на министерствата може да биде променета. Навистина, одделни комисии можат да бидат формирани и без влада, како парламентарната Комисија за одбрана, надворешни работи и ЕУ.

Левицата: „Не сакаме да не‘ плаќаат за неработа“

Но, предлогот на Партијата на левицата да се формираат барем овие комисии, не доби мнозинство. Потенцијалните црно-црвени коалициони партнери гласаа против, Партијата на зелените се воздржа. Заменикот шеф на пратеничката група на Левицата Дитмар Барч затоа ги обвини дека со своите развлечени коалициони преговори го држат Бундестагот како „заложник“.

„Не не‘ плаќаат за овде да седиме напразно“, вели тој. Иницијативата за формирање Главна комисија предизвикува сомнение и кај пратениците од Партијата на зелените. Претседателката на пратеничката група Катрин Геринг-Екарт за првата програма на германската јавна телевизија тоа го нарече „обид за замрзнување на Бундестагот“.

Според нејзина проценка, Бундестагот ќе се врати на вообичаениот начин на работа дури во средината на јануари. Дури на првата седница во 2014. година можат да бидат формирани стручни комисии, се разбира, ако дотогаш има нова влада.