1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германските туристи го спасуваат буџетот

Марија Илчева / Елизабета Милошевска Фиданоска2 септември 2012

Германците, и покрај кризата, важат за светски прваци во патување. Тоа ги радува земјите од ЈИЕ - туризмот за многу од нив е важна економска гранка, а најголемиот дел од гостите се Германци.

https://p.dw.com/p/161T4
Фотографија: lisalucia - Fotolia.com

На крајот туристичката сезона во Југоисточна Европа ќе излезе добра, барем што се однесува до бројот на гости од Германија, сметаат германските туристички агенции. Годината почна со воздржаност, особено за Грција. Се зборуваше дека претстои „катастрофална година“, се претпоставуваа 30 проценти помалку резервации отколку во претходната година. Меѓутоа, најновите податоци велат дека Грција се‘ уште е на трето место на најомилените туристички цели на Германците, зад Шпанија и Турција. Ако така продолжи, Грците оваа сезона би можеле да ја завршат со минус помал од 10 проценти во споредба со претходната година. Туристичката бранша тоа го толкува како успех, „зашто во 2011. година бројот на германски туристи во Грција изнесуваше 2,5 милиони што претставуваше скок од 12 проценти во споредба со претходната година и беше апсолутен рекорд“, вели Панајотис Скордас, директор на Грчката централа за туризам во Германија.

Griechenland Wirtschaft Tourismus
Грците оваа сезона би можеле да ја завршат со минус помал од 10 проценти во споредба со претходната годинаФотографија: picture-alliance/chromorange

Тоа е дотолку поважно ако се има предвид дека на почетокот на годинава германско-грчките односи се чинеа трајно оштетени. Во грчкиот печат германската канцеларка беше прикажана во нацистичка униформа, додека германскиот булеварски печат им препорачуваше на Грците да си ги продаваат островите или дури и Акропол за да ги исплатат долговите. Во меѓувреме, духовите се смирени, објаснува Нина Креке од туристичкиот концерн „Томас Кук“, „така што Германците повторно стекнаа доверба и резервираа“.

Данке Дојчланд!

Добри вести доаѓаат и од Хрватска. Земјата е „шутинг стар“ на сезоната, објаснува Томас Шефер од Германскиот туристички сојуз. Тоа го потврдуваат и бројките. Во првата половина од годината за одмор во Хрватска се одлучиле речиси еден милион Германци, што е 15 проценти повеќе од лани. Тоа за Хрватска е дотолку поважно ако се земе предвид дека годинава поради кризата во својата земја на одмор доаѓаат многу помалку Италијанци. „Германците го спасија хрватскиот буџет“, напиша еден голем хрватски весник и додаде: „Благодариме Германијо!“

Kroatien Strand Urlaub
Во првата половина од годината за одмор во Хрватска се одлучиле речиси еден милион ГерманциФотографија: Nikolai Sorokin/Fotolia

За туристичката бранша да остане на патот на успехот Хрватска веќе донесе одлука за намалување на данокот на додадена вредност за туристички услуги од 23 на 10 проценти.

Бугарија - земја за штедливите семејства

Во одморалиштата на Црното море во последните години се изградени стотици бетонски објекти кои привлекуваа гости од странство пред се‘ со ниски цени. Тоа имаше негативна последица - акцент се става на евтиниот масовен туризам, а богатите гости од странство ги нема.

Bulgarien Urlaub Jugendliche
Бугарија е за луѓе кои мора да внимаваат колку трошат на одморФотографија: DW

Ника Креке од „Томас Кук“ потврдува: „Земјата е за луѓе кои мора да внимаваат колку трошат на одмор.“

Со ваквиот концепт земјата годинава се најде на петтото место на листата на „Некерман патувања“ на најомилени дестинации на Германците. Во првите седум месеци од годината се регистрирани 600.000 туристи од Германија.

Турција - омилена туристичка цел

За во наредниот период да има уште повеќе туристи, Бугарија треба да се угледа на примерот на Турција, оценува Катрин Шпихала од концернот „ТУИ“: Турција екстремно се обидува да остане во главата на луѓето во сеќавање како дестинација, со многу ангажман и многу финансиски вложувања, како на пример преку реклами на ’вистинските’ тв-канали, или како земја партнер на туристичката берза во Берлин. Тоа во Бугарија го нема.“

ITB Berlin 2010 Flash-Galerie
Турција вложува многу во реклами, но и во квалитетни услугиФотографија: ITB Berlin

Но, освен рекламите, важен е и квалитетот, вели Нина Креке: „Турција нуди производ од доверба, квалитативно многу добри хотели и многу професионален сервис“.

Дека тоа се исплати, покажуваат бројките - Турција, по Шпанија, е втора најомилена дестинација на Германците. Германско-турската фондација за образование и економски истражувања ТАВАК прогнозира дека годинава бројот на германски туристи во Турција ќе достигне над пет милиони, што е пораст од седум проценти.“