1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германските училишта добиваат стотици закани со убиства

Волфганг Дик / Елизабета Милошевска Фиданоска21 јули 2012

Необјавена студија на Универзитетот Келн дава застрашувачки податоци за бројот на закани со убиства во германските училишта. Што да се прави?

https://p.dw.com/p/15cm6
Фотографија: picture alliance/dpa

Психологот Сара Нојхојзер во своите истражувања за студијата регистрира многукратно зголемување на заканите со оружје по последниот масакр што еден ученик го изврши во германското гратче Виненден, во покраината Баден Виртемберг. Само во периодот од 2006 до 2010 година официјално се регистрирани 2016 закани со убиства. Во Германија досега нема заеднички систем каде ваквите нешта се регистрираат. Со случаите различно постапува секоја од германските покраини. Училишните власти сметаат дека итно треба да се преземе нешто за да се спречат потенцијалните извршители, но и оние кои тоа би можеле да станат.

Баден Виртемберг, на пример, се залага за интензивно советување на учениците. Во наредните три години бројот на психолози во училиштата би требало да се зголеми на 200, или двојно повеќе отколку што сега ги има.

И останатите германски покраини отвораат нови работни места за советници и социјални работници. Министерството одобрува средства за таа намена и покрај лошата состојба на буџетот. Особено позитивни резултати имаат анти-мобинг програмите во училиштата. Тирингија и Берлин се концентрираат на специјални обуки за наставниците и родителите. Тие би требало да можат навреме да ги препознаат знаците за можен масакр и да ги толкуваат како што треба.

Deutschland Amoklauf Winnenden Politzist vor Schule
Училиштето во Виненден каде беше извршен масакр пред три годиниФотографија: AP

Вакви знаци имаше и пред досегашните масакри, извршени во германските училишта. Извршителите често беа осамени, со наклоност кон оружје и компјутерски игри со насилство. Сега на момчиња и девојчиња кои покажуваат слични знаци, засилено им се нуди помош.

Училиштата не треба да станат тврдини

Стратегијата за грижа за потенцијалните извршители и соочување со причините за насилство се чини се исплати. По масакрите во училиштата во Ерфурт, Емсдетен и Виненден, не мал број политичари побараа повеќе безбедносна техника во училиштата. Во Комисијата за внатрешни работи на парламентот се дискутираше за тоа учениците да бидат контролирани дали носат оружје уште на влезот во училиштето.

Сепак, метални детектори, како на аеродромите, во германските училишта до денес - нема. Не поминаа ниту предлозите за чип-картички за влез во училиште. „Сакаме атмосфера во која учениците ќе се чувствуваат добро“, објаснуваат германските здруженија на наставници. Треба да се спречат зони на страв и злоставување.

Alarm
Системот на алармирање е подобренФотографија: picture-alliance/Wolfram Steinberg

Сепак, голем број училишта во меѓувреме имаат единствен систем за алармирање, кој дава јасни насоки што да се прави во случај на убиства и со кој полицијата се известува автоматски. На вратите во училниците се отстранети кваките и бравите и поставени се специјални системи за затворање и заклучување кои во случај на нужда можат да се отвораат и затвораат само од внатрешната страна на училницата. Зградите на училиштата, односно нивните различни делови и комплекси, се бојадисани во различни бои за полицијата и спасувачките екипи да имаат подобра ориентација во случај на потреба. На училиштата им се доставени и апарати за полесна комуникација.

Техниката не значи и поголема безбедност

  Видео-системи има само во мал број училишта. Трошоците за тоа се превисоки и во голем број покраини не е можно да се покријат. Само берлинскиот кварт Нојкелн си дозволи во 16 училишта приватни безбедносни служби, чии луѓе меѓутоа се „вооружени“ само со мобилни телефони. Наставниците, повикувајќи се на праксата, велат дека „техничките мерки не ја зголемуваат многу безбедноста“. Ограничувањето на пристапот и добар систем на информирање се единствените нешта кои се ефикасни, тврдат наставниците.

Deutschland Berlin Schule Privater Sicherheitsdienst vor Berliner Schulen
Припадници на приватна фирма за обезбедување пред берлинско училиштеФотографија: picture-alliance/ dpa

И покрај големиот број упатства на покраинските министерства за образование, околу 30 проценти од училиштата немаат јасен концепт за тоа како да се постапува во „сериозен случај“, се вели во покраинските криминалистички служби. Тие препорачуваат сепак, да не се прават „вежби“ на дејствување во случај на масакр, зашто тоа би можело да ги поттикне потенцијалните извршители на насилство.