1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германските шуми повторно „умираат“

Феликс Штајнер
3 август 2019

Германските шуми второ лето по ред се на удар на суша, на многу места можат да се видат исушени стебла. Поимот „умирање на шумата“ сепак е претеран. Суштината на проблемот е нешто друго, смета Феликс Штајнер.

https://p.dw.com/p/3NEVY
Angst - Ausstellung im Bonner Haus der Geschichte | Waldsterben
Фотографија: DW/S. Dege

Германската сојузна министерка за земјоделство ѕвони за тревога. „Кога шумата ќе се стресе“, гласи насловот на нејзината гостинска колумна објавена во германскиот весник „Ди велт“. Главната порака на статијата е - состојбата во која се наоѓаат германските шуми е драматична.

Оние повозрасните овој алармизам ги потсетува на раните 1980-те години. Уште тогаш апокалиптичарите претстажаа дека крајот на германските шуми ќе се случи најдоцна во 2010 година. Германската пошта во 1985. година ги израдува колекционерите со посебна поштенска марка „Спасете ја шумата“, на која голем часовник покажуваше три минути до дванаесет. А „умирањето на шумите“ стана меѓународно користен израз.

Секогаш истите слики

Германската шума  уште е тука. Од една страна, ситуацијата никогаш не била толку драматична како што се претставуваше во тоа време. Тогашните слики на планински падини на кои можеше да се видат само исушени дрвја, потекнуваа од неколку подрачја на Харц и Ерцгебирге, кои беа во близина на термоелектрани.

Поради што, од другастрана, постоеше можност за успешна борба против причината за тогашните штети, т.н. „кисели дождови“. Прочистување на издувните гасови од термоелектраните, катализатори за автомобили на бензински погон, сѐ поголеми ограничувања на системите за греење во домовите- сето тоа во тоа време политички беше брзо покренато. Германците и шумата - тоа е традиционално близок однос. Тој проблем не можеше да го заобиколи ни тогашната влада на ЦДУ и ФДП, предводена од Хелмут Кол.

Со моментните проблеми на шумите, борбата против причините ќе биде многу потешка. Зашто, дрвјата веќе втора година по ред се изложени на последици од екстремна суша. А сојузната влада, дури и канцеларката да е од Партијата на зелените, не може да реши да падне повеќе дожд.

Изразот „умирање на шумите“ останува погрешен

Но, изразот „умирање на шумите“ кој овие денови повторно се користи инфлаторно во германските медиуми, и натаму е погрешен, како и пред 35 години. Поглед на само неколку бројки покажува дека моментно е оголен само помалку од еден процент од шумските површини, зашто бурите соборуваа дрвја или штетниците и сушата ги довеле до угинување. Количината на овие „оштетени дрвја“ е значително помала отколку во претходните години, па сепак покрива само третина од она што обично се посекува во текот на 12 месеци.

Steiner Felix Kommentarbild App
Феликс Штајнер

Од тоа јасно произлегува: проблемот на шумите е пред сѐ проблем на сопствениците на шумите. Оштетеното дрво секако на пазарот постигнува пониска цена од здравото. А за предвремено пошумување се потребни многу пари, пред сѐ во текот на сушни лета, кога младите дрвја мора да се наводнуваат за да не се исушат веднаш. Најголеми штети (како од налет на ветар, така и од штетникот боров четник) се евидентни на смреки,  иглолисни дрвја,  економска окосница на сопствениците на германски шуми.

Од „дрвните полиња“ назад во шумата

Најмали шуми во Германија денес се природните „прашуми“. Германската шума, половина во приватни раце, а половина во сопственост на сојузните покраини и општини, по правило е земјоделско земјиште од кое се очекува да носи профит. Тоа објаснува зошто во Германија има толку брзорастечки стебла на смреки и што воопшто - поголем дел од шумите претставуваат неприродни монокултури.

Токму тука се крие предизвикот за иднината: природната мешавина на шуми е многу поотпорна - како против штетници, така и против екстремни временски прилики. Нејзината функција како одморалиште за луѓето и како нужно складиште за милиони тони јаглероден диоксид годишно е пак иста. Таквата шума не може да постигне само едно нешто: да донесува ист профит како и досегашните шуми.

И така би можело да се случи, како што и секогаш се случува, кога мора да се изврши задача која никому не се исплаќа: тоа мора да го направи државата. Или пак таа ќе ги поддржи оние кои тоа ќе го прават. Неспорно е единствено дека германската шума мора и натаму да живее.