1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германски азиланти во САД

Дојче Веле11 март 2009

Меѓу оние кои заминуваат од Германија има и посебни случаи. Така на пример семејството Ромајке замина за секогаш затоа што во татковината не можеше да ги образува децата според сопствените стандарди.

https://p.dw.com/p/Gwv2
Семејството РомајкеФотографија: Christina Bergmann / DW

За децата на седумчленото семејство Ромајке училишниот ден почнува со читање на библијата - од август минатата година на англиски. Таткото Уве Ромајке објаснува дека неговите деца уште одамна ја познаваат германската Библија за деца и сега, читајќи од Светото писмо на англиски, го учат истовремено и јазикот на земјата, каде поднесоа барање за азил.

Петте деца на возраст меѓу 3 и 11 години седат околу округлата дрвена маса во семејниот дом во индустрискиот град Мористаун, во сојузната држава Тенеси. Тука допатуваа само со најнеопходното, спакувано во куфери, за потоа да поднесат барање за азил. Американското здружение на родители кои сакаат децата да ги образуваат дома, а не во јавни училишни установи, веднаш им се најде на помош. Соседите истомисленици во Мористаун им дадоа се’ што им треба за почеток, од мебел, до прибор за јадење. А адвокатите на здружението се борат семејството Ромајке да добие позитивен одговор на барањето за азил. „Веруваме дека семејствата кои сакаат да ги образуваат децата дома спаѓаат во посебна општествена група во Германија и дека таму сосема сигурно се изложени на притисоци, вклучувајќи и парични казни во висина од 50.000 евра, закани за одземање на старателското право или дури и затворски казни“ - појаснува адвокатот Мајк Донели.

Домашното образование е озаконето во САД

Daniel und Uwe Romeike beim Heimunterricht
Синот Даниел се образува во својот дом со помош на таткото УвеФотографија: Christina Bergmann

За разлика од САД, каде законот во сите сојузни држави овозможува одење на училиште во домашни услови, во Германија важи обврската децата да се испраќаат во јавни установи. Уве и Ханелоре Ромајке тоа не го сакаа од повеќе причини. Прво, двете деца кои почнале да одат на училиште во гратчето Бисинген на југот од Германија биле изложени на насилство од соучениците. Ќерката Лидија раскажува: „Тој фрлаше камења и го погоди брат ми Даниел по носот, со голем камен, носот му крвареше. Но, имаше и други кои често се тепаа...“

Поинакви вредности

Тоа не е единствената причина. Во домашни услови и под надзор на родителите, децата можат подобро да ја совладаат материјата, а родителите можат да одлучат кои учебници ќе ги користат и преку тоа какви морални и други вредности ќе усвојат. Во еден од учебниците во германското училиште имало примери со деца кои не ги почитуваат родителите, кои пцујат и се однесуваат едни кон други без почит. Тоа е во спротивност со христијанските морални вредности, што ги застапуваат родителите и затоа се одлучиле да не ги пуштаат децата во јавно училиште. Кога се соочиле со притисокот на властите, тие одлучиле да ја напуштат татковината и да заминат во САД: „Овде дојдовме со верба дека Господ не’ води и ни помага. Така ќе продолжиме и понатаму!“ - вели категорично таткото, Уве Ромајке.