1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Германски деца во Романија третирани како „робови“

Кристијан Стефанеску
17 февруари 2020

Лишување од слобода, тепање, понижување: германски тинејџери биле малтретирани во Романија во рамки на еден социјален проект. Романското Јавно обвинителство покрена обвинение против 14 лица.

https://p.dw.com/p/3Xsw8
Symbolbild Misshandlung
Фотографија: Colourbox

„Децата беа држени во услови еднакви на ропство“, гласи обвинението од ДИКОТ, романскиот специјален оддел за организиран криминал. Обвинителниот акт од романското Јавно обвинителство звучи како хроника на еден кошмар: „варварски методи“, „често тепање“, „лишување од храна“, „тешка физичка работоа до исцрпување“, „понижување и активности еднакви на тортура“, „лишување од слобода“, па дури и „наметнати медицински интервенции“. Сето ова го преживеале тинејџери на возраст меѓу 12 и 18 години со „проблематично и нарушено однесување“ кои во рамките на еден германски социјален проект требало да бидат сместени во севернороманскиот регион Марамурес. Наместо да добијат помош за нивна ресоцијализација на фарма во идиличното село Висеу де Сус на северот на Романија, тие биле брутално малтретирани.

Романското јавно обвинителство во петокот поднесе обвинение против 14 лица, обвинети за вмешаност во овој кошмар. Меѓу нив е и германскиот раководител на проектот, Берт Шуман и неговата сопруга. Тие всушност требало да се погрижат, младите со проблематично и нарушено однесување да најдат начин да се реинтегрираат во општеството - и тоа со помош на „Проектот Марамурес“. Проектот е финансиран од Германија – за секое вклучено дете се исплаќале по 6000 евра месечно. Две романски институции го одобрија спроведувањето на проектот на северот од земјата: Агенцијата за заштита на децата и романското Министерство за труд издале лиценца за проектот, иако неговата правна класификација е нејасна.

Смирувани“ со лекови

Истрагата на специјалната романска единица за борба со организиран криминал ДИКОТ сугерира дека локален социјален работник од Агенцијата за заштита на децата бил повеќе заинтересиран проектот да функционира надвор од правната рамка. Според податоците на локалните иследници од регионот Марамурес, најмалку едно лице од Агенцијата за заштита на децата ги предупредувало навреме раководителите на проектот кога ќе имаат инспекција. Во овие случаи тинејџерите биле „смирувани“ со лекарства, за да не може јавно да зборуваат за бруталните услови. Претставникот на романската Агенција за заштита на децата, кој беше задолжен за „Проектот Марамурес“ исто така е меѓу четиринаесеттемина обвинети.

Rumänien Justiz nimmt mehrere Verdächtige wegen Kindesmisshandlung fest
Во идиличниот Марамурес тинејџерите доживеале вистински кошмарФотографија: picture-alliance/dpa/Kinder- und Jugendhilfe Wildfang GmbH

Според истражителите, соучесници се и претставници на локалните власти кои знаеле што се случува, како и дел од селаните кои профитирале од бесплатната работа на германските малолетници - на пример, од тешката физичка работа на полињата. По неколкумесечата фаза на „аклиматизација“ во заедничкиот објект на проектот, младите потоа биле сместувани во семејства во повеќе села за што домаќините добивале месечен надомест од неколку стотина евра – тоа се многу пари за луѓето од руралниот регион на Романија. Но, таму, во зафрлените села, архаичните традиции се понекогаш посилни од свесноста за универзалните човекови права, па на селаните речиси не им е поимливо декадетската работа и експлоатација може да биде кривично дело.

Притворениот проектен лидер се жали на лошите затворски услови

ДИКОТ им префрла на обвинетите и трговија со малолетници и перење пари. Парите од германската држава дадени за проектот, според информации на иследниците, биле „главно потрошени за друга намена од предвидената". Покрај тоа, семејството на Берт Шуман не можело да го оправда потеклото на 137 илјади евра кои се на приватна сметка. Иследниците од искази од малолетните германски сведоци дознале дека во рамки на „Проектот Марамурес" им биле одземани дури и пасошите и личните карти, биле изолирани од надворешниот свет и не посетувале настава. Повеќе од нив рекле дека биле тепани за да не ја прекинуваат тешката физичка работа во селото. Во „програмата за воспитување” спаѓале и казни под името „морнар” со степените „1 на 1” или „2 на 1” во зависност од бројот на возрасни лица за надзор. Во случајот „2 на 1”, детето било затворано само во соба со огради на прозорците под строг режим на двајца романски „стражари” кои произволно одлучувале за тоа дали ќе дозволат одење во тоалет и кои служеле премали количества храна. Едно девојче сведочело дека прифатило против своја волја да пие анти-беби пилули од страв од затворот во изолација „2 на 1".

Во отворено писмо до романските медиуми германскиот проектен лидер Берт Шуман се пожалил дека страда поради тешките затворски услови во Романија, каде од август 2019 е во истражен притвор. Зборува за темна просторија со минијатурни прозорци со огради и дека секој ден ја добива истата каша со по едно парче леб, како и дека не може да ја контактира сопругата и други членови на семејството. Сето тоа потсетува на условите за кои сведочат малолетниците во нивните искази.

Досега Дојче веле нема добиено одговори на прашањата упатени до сопругата на Берт Шуман и адвокатот на „Проектот Марамурес“, Јоан Сас.