1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германски желби, грчка реалност

17 март 2012

Од Германија има приговори дека Грција не прифаќа германска помош, а претпријатијата кои сакаат да инвестираат таму, наидуваат на пречки. Прекорите покажуват дека Берлин станува нестрплив.

https://p.dw.com/p/14KXl
Фотографија: picture-alliance/dpa

Германскиот министер за стопанство Филип Реслер во изминатите месеци се ангажира за Грција: повеќе пати се состана со тогашниот грчкиот колега по функција Михалис Хрисохоидис, подржуваше собири на грчки и германски стопански здруженија, предводеше 70-члена делегација на преприемачи во посета на Атина, со цел заеднички со 450 грчки претприемачи да изнајдат можности за соработка. Сите иницијативи требаше да придонесат за подобрување на конкурентноста на грчкото стопанство.

Германски фрустрации

Половина година подоцна резимето е „отрезнувачко“, стои во документот „Привремен биланс“, што му беше достапен на Дојче веле (ДВ). Во него министерот се жали дека грчката страна „недоволно“ ги спроведува договорите, не ги реализира мерките „со неопходната брзина“, се однесува „воздржано“ спрема конкретните понуди за подршка од страна на партнерите од ЕУ. Освен тоа, не биле отстранети ни „пречките“ за новите инвестициони проекти кај надлежните грчки власти.

Griechischer Wirtschaftsminister Michalis Chrysochoidis bei Philipp Rösler in Berlin
Министрите за економија на Германија и на Грција, Филип Реслер и Михаилис ХрисохоидисФотографија: picture-alliance/dpa

Последново не го прифаќа Ана Дијамантопулу, нов министер за стопанство на Грција. Преку амбасадата во Берлин таа ги побара имињата на засегнатите германски претпријатија и на што се жалат тие. Германското министерство соопшти дека конкретни наводи наскоро ќе му бидат доставени директно на грчкото министерство за стопанство. Во Атина во моментов владее впечаток дека при составувањето на „Привремениот биланс“ до израз дошла нестрпливоста од развојот во Грција.

Доближување до реалноста

Во документот германското министерство зборува за долг на грчката држава спрема германски претпријатија. Факт е дека во Атина засега нема пари за подмирување на тие долгови. За намерата за подршка на проект на германската државна Сојузна печатница во Грција е битно дека Атина за тој проект распиша тендер насочен и кон други кои се заинтересирани. За приговорот дека слабо напредува формирањето банка за подршка, налик на германската државна Кредитна банка за обнова (КфВ), клучно е дека за таква институција прво мора да се подготви концепт, на што, според наводи од Комисијата на ЕУ, веќе работи совет од меѓународни експерти составен од претставници на КфВ, на Европската инвестициона банка и тим од европски финансиски стручњаци.

Во извештајот на министерот Реслер станува збор и за заинтересираност на германски претријатија за ангажман во Грција. За олеснување на финансирањето на инвестициите, КфВ нуди поповолни камати за кредити отколку во другите земји. На прашање од ДВ, од банката велат дека навистина има прашања околу можностите за финансирање, но досега е поднесено само едно единствено конкретно барање за кредит. Тоа е и разбирливо: пред да се поднесе барање за кредит кај КфВ, прво мора деловната банка на инвеститорот да го одобри проектот и да искаже готовност да учествува во финансирањето - а германските банки во моментов го оценуваат ризикот за инвестиции во Грција како многу висок. Оттука, КфВ „не очекува во догледно време позначајна промена“ кај барањата за кредит.

Symbolbild Schuldenschnitt Griechenland ARCHIV
Фотографија: dapd

Високи ризици, ниска готовност за инвестирање

Странски експерти, кои не сакаа да бидат споменати, слично ја отсликуваат состојбата во Грција - и според нив интересирањето на странски инвеститори за ангажман во приватниот сектор во Грција е минимално. Тие не можат да си замислат дека ионака малкуте странски проекти за инвестирање би можеле да пропаднат поради бирократски пречки.

Шефот на европските „таск-форс“ во Атина, Германецот Хорст Рајхенбах, не ја потврдува наводната „воздржаност“ на Грција за прифаќање помош од другите држави на ЕУ за реформа на управата, за која се зборува во „Привремениот биланс“. Напротив, тој во интервју за ДВ вели дека 160 германски даночни експерти ќе спроведуваат курсови за обука на нивните грчки колеги. Таа помош, токму како и дејствувањето на „таск-форс“ тимот, е на барање од грчката влада. Странските експерти нагласуваат дека спроведувањето такви реформи ќе трае со години. Нестрпливоста тука не помага.

Автор: Панајотис Купаранис/ Зоран Јордановски

Редактор: