1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германски искуства за македонски одржлив туризам

Милчо Јованоски31 мај 2012

Факултетот за туризам и угостителство од Охрид и Универзитетот за применети науки од Еберсвалде ќе развиваат одржлив туризам. Експертите со препорака– Чувајте ја природата и стоп за пребрзата урбанизација во Македонија.

https://p.dw.com/p/154Vw
Фотографија: Milco Jovanoski

ФТУ и Универзитетот од Еберсвалде на првиот заеднички проектот „Одржлив туризам “ работат од октомври минатата година. Проект е финансиран од Германската фондација за заштита на природата. Таа е една од најголемите во Европа и последниве години е насочена кон проекти во Југоисточна Европа. „Тука сме да воспоставиме контакти преку кои ќе започнеме нови проекти спонзорирани од наша страна. Важно е да се има германски партнери, бидејќи со градењето мрежа полесно ќе се дојде до целта,“ смета д-р Улрих Вите раководител на секторот за меѓународни односи при фондацијата: „Знаеме дека во Охрид доаѓаат многу туристи кои со своите влијанија и присуство делуваат негативно врз природната средина. Сакаме да поддржиме проекти коишто и кај локалното население ќе ја разбудат свеста за одржливост. “

Стипендии за македонски студенти во Германија

Вите предочи дека треба да се стори се и Охрид да не ги повтори грешките од големите европски центри кои во својот развој се затрупале со изградба на хотели и други туристички објекти. „Граѓаните треба да се свесни за тоа што го поседуваат и да знаат како во иднина ќе го промовираат. Советуваме тоа да бидат проекти сврзани со младите . Од самиот почеток би се комуницирало во однос на заштита и подигнувањето на капацитетите во таа насока,“ порачува Вите. Дека домаќините се движат во вистинска насока потврди и раководителот на проектот д-р. Хартмут Рајн : „Соработката со факултетот е одлична. Се гледа дека факултетот сака да развие соработка со нас, преку која ќе го развие процесот на образованието. На Охрид му треба современ одржлив туризам. “ Д-р Сашо Коруноски, декан на ФТУ открива: „Германците веќе ни нудат стипендии за наши студенти кои би биле со задоволство прифатени на нивниот Универзитет.Терминот одржлив се поистоветува со терминот одговорен. Тоа значи дека треба внимателно да се употребуваат ресурсите и да ги зачуваме за идните генерации. На глобално ниво мислам дека се движиме добро, но секогаш има место за акција, “ смета Коруноски.

Ulrich Witte BDU
Др. Улрих Вите од Германската фондација за заштита на природатаФотографија: DW

Мастер – студии за одржлив развој

Д-р Јаготка Стрезоска координатор на проектот за Македонија вели: „Целта ни е да обучиме десеттина мултипликатори коишто ќе го пренесуваат знаењето стекнато на овој проект од искуствата на германските партнери. Би требало да образуваме и една мрежа која ќе функционира и во иднина. Подалечна цел на нашиот факултет е да формираме Мастер – студиска програма во која ќе предава мешан стручен тим од германски и професори од нашиот факултет, а завршените студенти би добивале меѓународно призната диплома.“

Mazedonien Tourismus
Мимоза Попоска и Сузана НаумовскаФотографија: DW

Најдобрите практики ќе бидат финансирани

Треба под итно да престанеме да градиме или да градиме согласно плановите.А не да се гради само заради бизнис, ни рече архитектот Мимоза Попоска, - учесник од Охрид „ Европа всушност само не предупредува да го намалиме темпото на урбанизација, да се намали загадувањето на околината преку употребата на ред нови технологии . Значи да се развиваме без да уништуваме. “ Има природни ресурси коишто можеме да ги искористиме на пример за развој на селскиот туризам, вели Сузана Наумовска : „Како стручњак за велнес и спа гледам пространства со мајчина душичка, нане , рузмарин и невен. Планината може се да ни даде во изобилство. Ни треба помош само да ги изградиме тие примамливи објекти за сите гости. На пример терапии со сено , кое го имаме на претек. Во Македонија би биле применливи и анти стрес терапиите за релаксација.“ Најдобрите практики за одржливо користење на култрните и прирдни вредности во туристички цели со сигурност ќе станат реалност. Следната Германско – македонска конференција за одржлив туризам ќе се одржи на крајот од август во Берлин и Бранденбург , а домаќин на завршната конференција на проектот во мај 2013 пак ќе е Охрид.