1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германски милиони за македонската инфраструктура

Костадин Делимитов
27 февруари 2019

Пратеникот на Меркел, Валтер Дефа, носи драгоцени совети, но ја отвора и вратата за финансирање на крупни проекти. Списокот е долг и „тежи“ близу 5 милијарди евра.

https://p.dw.com/p/3E9ak
Nord-Mazedonien Skopje Walter Deffaa mit dem Ministerpräsidenten Zoran Zaev
Фотографија: Regierung Nord-Mazedonien

Економски развој без „билдање“ на јавниот долг. Ова е стратегијата на властите во Скопје која ќе се реализира со поддршка на Сојузна Република Германија. Енергетиката, инфраструктурата, екологијата, образованието се областите кои ќе бидат во фокусот на блиската соработка која ќе се операционализира преку заедничкиот управувачки комитет. Ангажирањето на специјалниот советник, пратеник на владата во Берлин, Валтер Дефа и формално го отвора патот за конкретизирање и унапредување на соработката. Во владата се оптимисти:

„Со господинот Дефа веќе го одржавме првиот состанок и разговаравме околу потребните реформи, како Северна Македонија да стане погодна земја за економски развој, за сите инвеститори, домашни и странски, како да го организираме претставувањето пред германските, но и останатите стопанственици од ЕУ. Како да се подобри соработката, не само во делот на привлекување на германските инвеститори, туку и наши производи повеќе да се извезуваат на германскиот, но и останатиот дел од пазарите во ЕУ“, објаснува за Дојче веле вицепремиерот Кочо Анѓушев. 

Советите и искуството на Дефа треба да помогнат за поефикасно искористување на европските фондови. Соработката со Берлин преку заедничкиот управувачки комитет пак треба да доведе до поволни извори на финансирање за клучните капитални проекти. Списокот е долг и многу скап: 

„Ако сакаме да ги реализираме сите проекти кои се на нашиот список потребни се 4 до 5 милијарди евра. Затоа е многу важно да се обезбеди модел за нивна реализација без притоа државата дополнително да се задолжува. Со оглед на високата задолженост која ја наследивме од претходниот период и сите математики кои покажуваат дека нашата задолженост не може да оди над 60% од БДП, очигледно е дека државата сама нема да може да ги реализира сите проекти. Ние го одржуваме долгот околу 50% од БДП, или околу 5 милијарди евра, што значи и практично имаме простор за дополнително задолжување од околу една милијарда евра што е доволно, на пример, само за железницата кон Бугарија и новиот клинички центар“, објаснува Анѓушев.

Nord-Mazedonien Skopje Walter Deffaa mit dem Ministerpräsidenten Zoran Zaev
Валтер Дефа на разговори со македонскиот премиер Зоран ЗаевФотографија: Regierung Nord-Mazedonien

Во вакви услови идејата е да се обезбеди поддршка преку приватна иницијатива, јавно приватно партнерство, но и директна кредитна поддршка која, според најавите, треба да биде под исклучително поволни услови:

„Во рамките на управувачкиот комитет ќе се насочиме кон дел од проектите кои се од интерес на државата и притоа ќе може да очекуваме евтино финансирање преку КФВ - Германската банка за поддршка на развојот и таму да можеме да се надеваме не само на евтини, туку и бескаматни кредити. Но не само како германски пари, туку и како модел на јавно приватно партнерство кој ќе биде воспоставен во економијата. Сѐ што може да се направи на овој начин за да може проектите побрзо да се реализираат. Инаку доколку државата реши сама да ги реализира, не само што ќе се зголеми задолженоста, туку ќе треба да поминат многу години, да се враќаат кредити, да се одложуваат проектите“, смета Анѓушев.

Повеќе:
Толксдорф за ДВ: Германските инвестиции во Македонија ќе растат

Германија го одврзува „ќесето“ за поддршка на Македонија

Првично во визирот се проекти од енергетиката, но и реализација на деценискиот сон за трамвај во Скопје. Тука се и автопатското поврзување со Косово, гасоводот кон Грција и многу други капитални проекти за кои допрва се разговара и ќе се утврдува динамиката на нивна реализација. Секако и преку искористување на европските фондови што се на располагање во периодот на претпристапните преговори со ЕУ. Клучно значење во целиот овој процес има и образованието кое преку моделот на дуално образование ќе треба да обезбеди соодветни, квалификувани кадри за потребите на домашната индустрија, но и за фабриките на странските инвеститори кои се очекува допрва да се множат, како последица на решавање на спорот со Грција и влезот на земјата во НАТО.

Германската поддршка за економски развој на Северна Македонија е иницијатива на сојузната канцеларка Ангела Меркел, која беше најавена при нејзината посета на Скопје, во септември минатата година. Пред доаѓањето на Валтер Дефа, беше формиран и заедничкиот управувачки комитет кој одржа и два состанока. Првиот во Скопје, а вториот неодамна во Берлин. Валтер Дефа е доктор по економски науки, работел во Европската комисија од 1983 до 2016 година. Меѓу другото, бил и директор на Генералниот директорат за регионална политика, а го водел и Генералниот директорат за даноци и царини на Европската комисија.