1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германски пакетчиња за децата во Македонија

Милчо Јованоски31 декември 2012

Преку проектот „Децата ги помагаат децата“ невладината АДРА од Германија испрати новогодишни пакетчиња за децата во Македонија. Тие на германските пријатели им посакаа среќа во Новата година.

https://p.dw.com/p/17BVZ
Фотографија: DW/M. Jovanoski

Празниците се мигови кога се подарува. На подароците, нормално се радуваат сите, но децата најмногу. Трета година со ред невладините АДРА – Германија и Македонија, кои се дел од големото семејство на Интернационалната хуманитарна организација  АДРА распространета во 120 земји низ светот, делат новогодишни пакетчиња, вели Драгослав Кушевски:

„Тоа се новогодишни пакетчиња подготвени од нивните врсници од Германија, од семејства кои ги наменале за децата во Македонија. Годинава добивме околу 3500 пакетчиња и ги поделивме за најранливите категории деца. Претежно на децата со посебни потреби, деца без родители и во домови за деца“.

Германскиот Дедо Мраз стигна и во Охрид

Пакетчињата стигнаа  и во две основни училишта „Свети Климент Охридски “ и „Братство – единство “ во Охрид. Неколку дена откако беа поделени се сретнавме со дел од децата. Тие не‘ пречекаа со растреперени, детски, нежни гласови и срца, бескрајно благодарни и среќни што некој далеку од нив се сетил да им испрати новогодишни пакетчиња. Мухамед е во седмо одделение, со нескриена радост ни кажува што се имало во неговото пакетче: „Се чувствував убаво. Многу убави работи имаше во него: играчки, шал, ракавици, големи гумени бонбони, голема тетратка за цртање, боици, фломастери, мрсни бои и креди. Им благодарам на сите, на децата  и на нивните родители од Германија  кои ми го испратија пакетчето“. Мухамед има уште 4 помали браќа. Пакетчето го поделил со нив: „На пример им поделив едно чоколадо, гумени бонбони и по една играчка. За да се среќни сите деца“. Секое пакетче било со различна содржина, хуманите донатори од Германија испратиле секој по свое наоѓање и желба, но воделе грижа да бидат задоволни и девојчињата и момчињата.

Bildergalerie Weihnachtsgeschenke
Фотографија: Redgrisu - Fotolia.com

„Имаше чоколада, лижавче, облека некоја. Бев среќна кога добив и на сестра ми која е поголема  и дадов вкуса германска чоколада,“ ни рече третоодделенката Емилија.

Милиони детски желби, една е универзална сите да се среќни

За Нова година секој си посакува, по некоја желба. Децата, обично не знаат да чуваат тајни. Детските желби немаат крај. Малиот Илјаз од Охрид искрено, вели:  „Сакам, мајка ми, татко ми, баба ми, вујко ми и вујна ми да се среќни. И јас исто така“.

Невладините АДРА Германија и Македонија догодина планираат и нови заеднички проекти. Со желба да им помогнат на луѓето, за тие да имаат попристоен живот во ова време на се‘општа криза. Децата од Македонија ги поздравија и со песни за Дедо Мраз кој не знае за нации и граници, туку подеднакво им дели подароци на сите деца.