1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германски реакции за изборите во Русија

Werkhäuser, Nina4 декември 2007

Критика за изборниот процес и резултатите од парламентарните избори во Русија дојде и од официјален Берлин. Како владата, така и партиите на опозицијата, оценија дека изборите не биле во склад со демократските стандарди

https://p.dw.com/p/CWWj
Приврзаници на Путин на Црвениот плоштад по победата на изборитеФотографија: AP


Русија не е демократска држава и изборите за Думата не беа демократски, порача јасно и гласно владиниот портпарол Томас Штег во Берлин:


„Не може воопшто да има сомнение дека мерено според нашите стандарди тоа не беа слободни, ни рамноправни, ниту пак демократски избори.„


Наспроти ваквата остра критика, владиниот портпарол порача дека Германија се придржува кон стратешкото партнерство со Русија и ќе ја поддржи руската влада во настојувањата да создаде вистински повеќепартиски систем со еднакви шанси за сите.

Оцената на партиите од опозицијата е слична:


„Луѓето на тие избори немаа шанси навистина да решат што сакаат. Тие се одвиваа под закана граѓаните или да соработуваат или да ризикуваат да бидат претепани, затворани или забранети како партија„ – оцени копретседателката на Зелените, Калудија Рот. Таа додаде дека бројката од 99% за наводното учество на изборите во Чеченија наликува на времето од Советскиот Сојуз.


И според оцената на Либералната партија, ова беше црн ден за демократијата во Русија:


„Она што се случуваше во Русија пред и за време на изборите, вклучувајќи го и апсењето на опозиционерите спроти изборите, сето тоа покажува дека таму не постои демократија според нашите стандарди„ – порача генералниот секретар на либералната партија Дирк Нибел.


Релативно внимателно формулирана е реакцијата на социјалдемократската партија. Нејзиниот генерален секретар Хубертус Хајл побара руската влада да ги преиспита сите обвинувања за нерегуларности и ја нагласи важноста на дијалогот со Русија:


„Уште еднаш: важно е да го развиваме и понатаму стратешкото партнерство со Русија, според принципот на промена преку приближување!„


Шефот на германската дипломатија Франк Влатер Штајнмајер, кој е исто од редовите на СПД, порача дека сето ова не ги менува настојувањата на Германија да одржува рационални односи со Русија.