1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Германски фирми отстапуваат заштитни маски на здравството

ЖА / агенции
21 март 2020

Кај некои производители се воведени вонредни смени, но скудноста од медицински производи пред очекуваниот налет на случаи на коронавирус е опасна. Претпријатија од други бранши, како Фолксваген, се подготвени да помогнат

https://p.dw.com/p/3Zq2Q
Deutschland Airbus A400M der Bundeswehr
Фотографија: picture-alliance/dpa/R. Hirschberger

Германските автомобилски производители и други фирми, поради кризата со коронавирусот, најавија ставање на располагање повеќе стотици илјади маски за лице заради спасување животи. Заштитните маски, кои беа користени делумно во сега запреното производство и се од сопствени залихи, треба да им бидат ставени на располагање на болниците, лекарски ординации и здравствени служби. Фолксваген планира освен тоа со помош на 3Д печатачи да произведува делови за медицинска техника, на пример вентилатори за апарати за дишење.

Од централата на Фолксваген вчера изјавија дека планираат лиферување до надлежните служби на речиси 200.000 заштитни маски од категории ФФП-2 и ФФП-3, двете спаѓаат во категоријата која нуди професионална заштита од предизвикувачи на болести или штетни материи во воздухот. Донацијата е координирана со сојузниот министер за здравство Јенс Шпан. Гунар Килиан, член на раководството на Фолксваген изјави: „Вработените во јавното здравство во моментов даваат огромен придонес за општеството. Убедени сме дека во моментов заштитните маски ним им се најпотребни.“

Автомобилскиот производител ја разгледува можноста во одделни свои погони да произведува делови за медицинска техника. „Медицинската опрема за нас е нешто ново, но штом успееме да се подготвиме за предизвикот, можеме да стартуваме“, изјави Килиан. Станува збор за компоненти кои можат да се произведуваат со 3Д печатачи од пластични делови.

Повеќе:

Коронавирус: Германија пред целосна изолација

Ризикот за Германците поради коронавирусот е висок

Меркел: Коронавирусот е најголемиот предизвик од Втората светска војна

Во германските фабрики на Фолксваген засега продукцијата е во прекин поради високиот ризик од зараза на вработените, прекинатите синџири на снабдување со делови, како и силниот пад на побарувачката на автомобили во Европа и во Кина. За производство на делови за медицинска техника во предвид доаѓаат погони на концернот кои се надвор од Германија.

И Дајмлер најави дека на покраинската влада на Баден Виртемберг ќе ѝ стави на располагање сопствени 110.000 заштитни маски за потребата на здравството. Оттаму истакнуваат: „Сакаме да дадеме свој придонес за поддршка на јавното здравство.“ Кинескиот акционер Гели, сопственик и на Волво, најави донирање медицински пратки во погодените региони во Европа и Азија, кои се веќе на пат, меѓудругото маски и ракавици за Германија и Шведска.

И БМВ донира 100.000 маски за лице, исто како и авиокомпанијата Луфтханза, која е тешко погодена од кризата со коронавирусот – таа отстапува 920.000 заштитни маски на германското здравство, кое подоцна ќе треба да ги плати.