1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германски фирми профитираат од казахстанскиот бум

Бернд Греслер 5 септември 2008

Казахстан е земја богата со суровини. И Германија влегува во трката по казахстанската нафта и гас. Соработката меѓу германските и казахстанските фирми се зголемува.

https://p.dw.com/p/FBqz
Изградба на нафтовод во КазахстанФотографија: picture alliance/dpa

Во економските билтени Казахстан веќе се опишува како идниот, втор по големина извор на нафта за германското стопанство. Факт е дека оваа централно азиска земја ги има најголемите наоѓалишта во светот, коишто се откриени во последново десетлетие и во меѓувреме е петта на листата лиферанти на нафта за Германија. Иако казахстанската ѕвезда на нафтеното небо е затемнета поради руско-грузиската војна. Карл Ернс Браунер, експерт за надворешна економија во германското министерство за економија е претпазлив во формулациите.

„Мора да се каже дека развојните перспективи, што се однесува до транспортот на гас и нафта од Казахстан во Европа, се малку поматени.“

Германија сака повеќе сигурни извори на енергија

Во министерството за економија се потенцира тоа како Казахстан ги балансира своите односи со Русија и Западот. До сега казахстанската нафта кон Европа тече низ руските нафтоводи. Но, ова не се совпаѓа со желбата на Германија да има повеќе сигурни извори на енергија. За сега е неизвесна изградбата на нови патишта за транспорт од Казахстан кон Европа кои нема да водат преку Русија. За изградба на нафтовод низ Каспиското море, што е релативно неверојатно дека ќе се случи, потребна е и согласност од Русија. Освен тоа и ваквиот транзитен пат не е без ризик: треба да помине низ Азербејџан, Ерменија, Грузија, Иран или Авганистан. Земајќи го ова в предвид, Европејците мора да сметаат и дека соседот на Казахстан, Кина ги одминува во светската трка со нафта и гас. Во германското министерство за економија се тешат дека енергетскиот пазар е глобален, како што нагласува Карл Ернс Браунер.

„И ако сега не ни успее, нафтата и гасот од Каспиското море да ги донесеме во Европа, касписките соседи нивната нафта и гас ќе ги лиферуваат кон Кина, Индија и подалеку, што ќе води до олабавување на светскиот пазар и ќе имаме полесен пристап до количините коишто се произведуваат на другите места.“

Многу германски компании имаат претставништва во Казахстан

Карл Ернс Браунер, раководител на сектор во министерството за економија, со 13 претприемачи беше во делегацијата на претседателот Хорст Келер низ Азија. Со години германските фирми профитираат од казахстанскиот бум со суровини, меѓу кои покрај нафтата и гасот се и рудите како бакар, цинк, олово, сребро и уран. Фирми од Лајпциг учествуваа во изградбата на нафтовод од Казахстан кон Кина и испорачуваат постројки за експлоатација на јаглен, за најголемиот површински јагленокоп Екибастус. Саксонија уште во времето на ДДР соработуваше со тогашната советска република Казахстан. Во меѓувреме бројот на германски компании кои имаат претставништва во казахстанскиот главен град Астана се искачи на 200. Дури и средните претпријатија гледаат своја шанса. Фирмата Нордлам од Магдебург сака на пример да ги убеди Казахстанците во предностите на покривните конструкции од панел плочи, вели раководителот Александар Коберл.

„Поради растечките цени на алуминиумот дрвото станува многу поисплатливо. Затоа во ваквите земји во коишто се најавува изградба на големи проекти како нови стадиони, клизалишта, спортски сали, има смисла да се понуди вакво нешто.“

Градежниот бум во Казахстан туркан од владата ги привлече фирмите. Но, според извештаите на банките, меѓународната финансиска криза остави траги и во централноазиското суровинско елдорадо. Казахстанските банки веќе не се толку широкогради во давањето кредитни гаранции за изградбата на вакви бизниси. Во поврзувањето на бизнисите со Казахстан на почетокот улога играше малцинството со германско потекло во земјата, како и контактите од поранешната ДДР. Во поново време од голема помош се развојните програми за млади казахстански менаџери кои доаѓаат на пракса во германските компании.